Цел Либан мора да гори, изјави министерот Бен Гвир по смртта на четворица израелски војници
Израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен Гвир, денес повика на засилување на нападите врз Либан, откако израелската армија соопшти дека четворица војници се убиени во борби на југот на земјата, пренесува „Анадолија“.
Препорачано
Во објава на социјалната мрежа „Икс“, тој порача дека Израел треба силно да одговори и покрај меѓународниот притисок.
„Со должна почит кон Американците, Израел мора да му стави до знаење на целиот свет дека крвта на нашите синови и безбедноста на нашите граѓани не се за одрекување. Цел Либан мора да гори. Нашата врвна должност е да ги заштитиме граѓаните на Израел и војниците на ИДФ, и оваа обврска има предност пред сѐ друго. Му кажав на премиерот, дури и на нашите приватни состаноци: за секоја солза на израелска мајка, илјада либански мајки мора да плачат“, напиша тој.
Повикот за поостри напади, како што додаде, во Блискиот Исток значи „да се полуди“ и „да се уништи.“
Изјавите доаѓаат по објавата на израелската војска дека четворица војници се убиени во судири во јужен Либан, во услови на продолжени тензии долж границата Израел–Либан.
И покрај договор меѓу САД и Иран кој наводно вклучувал одредби за завршување на непријателствата во Либан, израелските напади продолжиле и по полноќ.
Во нападите, најмалку 24 луѓе биле убиени, а неколку биле повредени, соопшти либанската државна новинска агенција (ННА).
Според агенцијата, нападите погодиле населени куќи во Ал-Шаркија, во Харуф и во Кфар Сир во округот Набатије, при што некои лица сè уште се водат како исчезнати.
Според најновите официјални податоци, израелската војска, со својата воена офанзива во Либан која започна на 2 март, досега уби 3.912 луѓе, рани 11.873 и расели повеќе од еден милион жители.
За време на последната воена кампања, израелските сили навлегле повеќе од 10 километри во либанска територија.
Израел не мора да го почитува договорот на Трамп со Иран, вели министерот Бен Гвир


