Осумгодишно девојче загина во руски напад, Зеленски вели дека Путин ги засилува ударите бидејќи „станува слаб“
Руските сили утрово го нападнаа украинскиот град Павлоград, при што било убиено осумгодишно девојче, пренесува „Њу војс оф Украина“.
Препорачано
Во нападите биле повредена и една 49-годишна жена, која е хоспитализирана во умерено тешка состојба, соопшти регионалниот гувернер Олександр Ханжа.
Локалните власти изјавија дека нападот предизвикал пожар во две куќи, при што една од нив е целосно уништена. Ханжа наведе дека руските сили во текот на ноќта со дронови и артилерија нападнале повеќе градови во Днепропетровската област, при што се оштетени пошта, куќи и спортско училиште.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Владимир Путин би можел да ги засили нападите бидејќи „станува слаб“ политички и воено, повикувајќи ги Украинците да ги почитуваат предупредувањата за воздушни напади и да користат засолништа.
„Путин станува слаб — политички, на бојното поле и физички. Затоа може да ги засили нападите против нас и против нашиот народ со ракети и со дронови. Ве молам користете засолништа. Ве молам, направете го тоа. Путин не сака да запре, и сè што кажува за желба за мир е лага“, изјави Зеленски.
Зеленски додаде и дека Украина останува подготвена за преговори, но Европа мора да го зголеми санкцискиот притисок врз Русија, вклучително и преку укинување на исклучоците поврзани со конфискацијата на руските средства.
Тој претходно изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за можноста за средба со Путин во САД.
Му понудив на Путин средба на самитот Г7 или во САД, вели Зеленски


