Заврши карантинот: речиси сите патници од крузерот погоден од смртоносниот хантавирус се враќаат дома
Светската здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека речиси сите патници и членови на екипажот на крузерот погоден од смртоносна епидемија на хантавирус, кои мораа да бидат во карантин во Холандија, сега можат да се вратат во своите домови, објави „Франс 24“.
Препорачано
На бродот „МВ Хондиус“ беа потврдени 12 случаи на зараза и еден веројатен случај, вклучително и три смртни случаи, во епидемија што предизвика меѓународно здравствено предупредување.
Бродот, кој плови под холандско знаме, испловил на 1 април од аргентискиот град Ушуаја, посетувајќи оддалечени острови во јужниот дел на Атлантскиот Океан, пред да продолжи кон Зеленортските Острови, а потоа и кон Тенерифе на шпанските Канарски Острови, каде што преостанатите патници биле евакуирани.
Поларниот истражувачки брод на 18 мај пристигнал во пристаништето Ротердам во Холандија, најголемото европско пристаниште, каде што малубројниот екипаж се соочил со повеќенеделен карантин.
„Речиси сите патници и членови на екипажот на ‘МВ Хондиус’, кои беа во карантин во Холандија, сега можат да се вратат дома, вклучително и странските државјани“, напиша на платформата „X“ генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.
Епидемија изби на крузер во Атлантикот – смртоносниот хантавирус однесе три животи
Тој додаде дека нема пријавено нови случаи повеќе од еден месец, ниту нови смртни случаи од 2 мај наваму, па состојбата останува стабилна.
На 30 мај, по темелно чистење и по дезинфекција, бродот добил дозвола повторно да исплови.
На 8 јуни, островот Света Елена, каде што се симнале многу од патниците, објави крај на вонредната состојба поради хантавирусот, која беше прогласена на овој оддалечен британски остров со околу 4.400 жители.
„Сите луѓе кои беа идентификувани како контакти и требаше да бидат во самоизолација успешно го завршија задолжителниот 42-дневен период на изолација“, соопшти владата на островот.
Во соопштението се наведува дека нивното „огромно трпение“ и „издржливост“ биле клучни за зачувување на безбедноста на целата заедница.
Хантавирусот е реток вирус што го пренесуваат глодари, а за него не постои вакцина ниту специфичен третман.
Видот Андес, кој стои зад епидемијата на „МВ Хондиус“, е единствениот познат сој на хантавирус што може да се пренесува од човек на човек.


