Илјадници луѓе на протест во Нови Сад, Вучиќ најави избори на есен
Илјадници луѓе се собраа во саботата на протест во Нови Сад, кој заврши со повик до граѓаните да се приклучат на политичката борба за промена на изборните услови и институциите. Учесниците изјавија дека „студентите не се откажуваат“ и дека ќе ја прошират својата мрежа на поддршка низ цела Србија во текот на летото, објавија локалните и регионалните медиуми.
Препорачано
На собирот, кој го организираа студентите, се разговараше за изборните услови, состојбата во полицијата, судството и медиумите, како и за недовербата на граѓаните во институциите.
„Србија не е Српската напредна партија, Србија не е Александар Вучиќ, Србија сме сите ние тука“, рече една од говорничките, Катарина Перовиќ, активистка на „Гласовите на младите на општина Кула“.
Професорката на Природно-математичкиот факултет, Сања Белиќ, оцени дека уцената и купувањето гласови се едно од најсилните оружја на власта и ги повика граѓаните да излезат на гласачките места и „да победат дури и во овие услови“.
Матеја Магда, студентка на Правниот факултет, изјави за телевизијата Н1 дека Нови Сад е „местото каде што сè започна“, алудирајќи на трагедијата на железничката станица во Нови Сад, и ги најави летните акции „од врата до врата“ и „Студент во секое село“ со цел да се прошири поддршката за студентското движење.
Познатиот српски кошаркар и претседател на Евролигата, Дејан Бодирога, како и ректорот на Белградскиот универзитет, Владан Ѓокиќ, беа меѓу присутните на протестот.
Локалните медиуми објавија дека протестот поминал без инциденти, а граѓаните почнале да се разотидуваат пред да се стемни, што студентите претходно го најавиле од безбедносни причини.
„Мора да победиме“ – српските студенти планираат свој кандидат ако се распишат претседателски избори
Ниту организаторите, ниту медиумите не објавија точен број на присутни, а српскиот претседател Вучиќ изјави дека на протестот имало околу 3.300 луѓе.
Студентскиот собир во Нови Сад беше првиот голем протест организиран од студентите во блокада по големиот собир на белградска Славија на 23 мај, а беше најавен под слоганот „Не застанавме. Продолжуваме“.
Тоа е продолжение на неколкумесечните акции и протести што се одржуваат по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица, за што демонстрантите бараат политичка и кривична одговорност од властите.
Во меѓувреме, студентското движење прерасна во пошироко движење кое се фокусира на барање предвремени парламентарни избори, промена на изборните услови и вршење притисок врз институциите за, како што тврдат, враќање на владеењето на правото.
Властите во Србија упатија сериозни обвинувања против студентите, а Вучиќ изјави дека на состанокот на владејачката Српска напредна партија на 27 јуни во Белград ќе зборува за изборите и дали ќе биде кандидат за премиер.
Тој рече дека „едни избори“ ќе се одржат или во октомври или во ноември, без да прецизира дали станува збор за парламентарни или претседателски избори.
Ги покани граѓаните да дојдат на состанокот во Белград и најави дека сака да чуе што мислат. Рече дека собирот нема да биде насочен „против никого“, туку, како што најави, ќе биде организиран „за нашата Србија“.


