Доктор и сестра од Клинички центар заедно прошверцувале 199 вијали ботокс од брендот „Соториор“
Доктор и медицинска сестра заработија кривична пријава за криумчарење и за царинска измама, затоа што во пакет лажно деклариран како „козметички примероци“ се обиделе да прокриумчарат 199 вијали ботокс, соопшти Царинската управа на Македонија. Според фотографиите што ги објави Царина, се работи за ботокс од брендот „Соториор“.
Препорачано

Кривичната пријава ја работи ОЈО Скопје, кое дало налог да се изврши претрес на три локации. Докторот работи во Клинички центар „Мајка Тереза“ и тој според првичните информации од предистрагата, нарачал 199 вијали со ботокс во вредност од 615 илјади денари од компанија од Кореја и се договорил истите во фактурата да бидат декларирани како 10 парчиња козметички производи со вкупна вредност од 80 долари.

Потоа, од второосомничената, вработена како медицинска сестра во Клинички центар „Мајка Тереза“ побарал да биде наведена како примач на стоката, која му помогнала во вршење на кривичните дела на начин што се согласила нарачката да пристигне на нејзино име и адреса и фактурата ја платила од својата трансакциска сметка.
Случајот го откриле цариници од испоставата Скопје 1, кога детално прегледале поштенска пратка пријавена за увозно царинење.

Со пратката била приложена фактура во која биле наведени 10 козметички примероци и лажно било прикажано дека вредат само 80 долари. Но, ботокс препаратите биле 199 вијали и вистинската вредност им била 615 илјади денари. Инаку, ботокс не смее да се увезува во Македонија без одобрение од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД.
Ова не е само обид за измама на системот, туку и потенцијален ризик за здравјето на граѓаните. Затоа, Царинската управа останува цврсто посветена на заштитата на јавниот интерес и ќе продолжи со политика на нулта толеранција кон секој што се обидува да работи спротивно на законот, вели директорот на Царинската Управа, Бобан Николовски.


