Фото: Генерирана илустрација

Полицајците повеќе нема да мора да се бричат: МВР им дозволи да носат уредни бради и тетоважи

Полицајците во Македонија ќе можат да носат брада и тетоважи. Ова го предвидуваат измените во Правилникот за однесување и меѓусебни односи на работниците во Министерството за внатрешни работи донесен на почетокот на мај годинава.

Имено, како што информираат од МВР, на 04.05.2026 година бил донесен Правилникот, но по неговото донесување, од страна на Гранскиот независен синдикат на полицијата бил доставен предлог за измена на одредени одредби кој се однесувал на прашањето за носење брада и тетоважи од страна на полициските службеници. Во образложението на предлогот биле наведени практики од повеќе европски држави во однос на уредувањето на изгледот и однесувањето на полициските службеници.

– По разгледување на доставениот предлог, истиот беше прифатен, при што на 01.06.2026 година беа извршени измени и дополнувања на одредени членови од Правилникот. Согласно извршените измени, на полициските службеници кои носат униформа им се дозволува да носат брада, но исклучиво доколку истата е кратка, уредна и редовно одржувана, односно не го нарушува професионалниот и службениот изглед на полицискиот службеник. Со наведените измени се постигна усогласување на Правилникот со современите практики и потребите на полициските службеници, притоа задржувѕајќи ги стандардите за професионалност, дисциплина и углед на полициската служба – ни одговорија од МВР.

Информацијата ја потврдија и од Независниот синдикат на полицијата на својата официјална Фејсбук-страница.

– Еден можеби мал чекор за Министерството и синдикатот, но многу значаен во насока на подготвеноста за спроведување на реформи и слух за потребите на колегите од страна на раководството. Како резултат на континуираното барање на Независниот синдикат на полицијата, во целост е прифатен предлогот за укинување на забраната за користење на мобилни телефони на граничната полиција, сообраќајната полиција и управните служби, како и дозвола за носење на уредна брада и тетоважи од страна на униформираната полиција што е значаен чекор за либерализација и модернизација на условите – информираа од Независниот синдикат.

Како што е наведено во Правилникот, работникот кој носи униформа треба секогаш да биде уредно потстрижен, така што косата да не му паѓа над ушите или над јаката од кошулата односно блузата или ветровката.

Доколку носи брада истата мора да е уредна, кратко и рамномерно потстрижена, со јасно дефинирани и одржувани контури на образите и вратот. Брадата мора да биде чиста, негувана и редовно одржувана, така што не го нарушува професионалниот и службениот изглед на службеникот, ниту ја попречува правилната употреба на службената опрема, вклучително и заштитна маска, а доколку носи мустаќи тие не можат да ја минуваат висината на горната усна и од накит може да носи само прстен“, стои во Правилникот.

Во однос на тетоважите се наведува:

Работниците кои носат униформа не можат да имаат тетоважи на делови од телото кои се видливи при носење на униформата и посебната опрема, освен на делот на горните екстремитети, под услов истите да не содржат навредлива, расистичка, или вулгарна содржина која би предизвикала вознемиреност кај граѓаните и би го нарушила угледот на Министерството“.

Во повеќе европски држави веќе подолг период се дозволени уредни бради и одредени видови тетоважи кај полициските службеници, додека во земјите од регионот правилата се разликуваат.

Српски полицајци бараат да им се дозволат тетоважи и да носат брада

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот