Илустративна фотографија за скопскиот плоштад /Фото: EPA

Не останувајте дома викендов — Скопје нуди три прекрасни настани за убав почеток на летото

Првиот летен викенд во Скопје носи богата културна програма за сите генерации. Од концерти под отворено небо и музички прошетки низ Старата скопска чаршија, до свеченото отворање на традиционалниот фестивал „Скопско лето“, љубителите на музиката и уметноста ќе имаат повеќе причини да излезат од дома и да уживаат во градските случувања.

Доколку сè уште немате планови за викендот, ви издвојуваме три настани кои не треба да ги пропуштите.

„Ритамот на чаршијата“ – музика во срцето на Старата чаршија

Во Старата скопска чаршија денеска и утре се одржува третото издание на манифестацијата „Ритамот на чаршијата“.

Вечерва од 19 часот настапува ансамблот на Стефче Стојковски со македонска изворна музика, а утре концерт ќе одржи младиот класичен гитарист Коста Давчевски од Србија.

Настанот има за цел преку музиката да го оживее еден од најпрепознатливите симболи на Скопје и да ги доближи културните содржини до посетителите во автентичниот амбиент на чаршијата.

Фото: Промо

„Кармина Бурана“ – спектакл во Градскиот парк

Во сабота, на 20 јуни, со почеток во 21 часот, Оркестарот на Филхармонијата ќе ја изведе монументалната кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф во Градскиот парк.

На сцената ќе настапат повеќе од 200 музичари од Македонија, Бугарија и Грција, заедно со хорови и солисти, меѓу кои и светски познатата сопранистка Ана Дурловски.

Концертот е бесплатен и претставува грандиозна завршница на сезоната „Без Филтер“.

Фото: Промо

„Аманет во свила“ – свечено отворање на „Скопско лето“

Годинашното издание на фестивалот „Скопско лето“ ќе биде отворено со концертот „Аманет во свила“, музички проект кој ги поврзува византиското наследство, ориенталните влијанија и современиот музички израз.

На сцената ќе настапат Камерен гудачки оркестар Полифонија и солистот Петар Христов, заедно со специјалните гости Ана Митовска, Горан Трајкоски, Гоце Ристовски и Александар Ицковски. Автор на проектот е Симон Облешевски.

Концертот ќе се одржи на 21 јуни (недела) во 20:30 часот во Музеј на македонската борба. Цената на билетот изнесува 500 денари.

Фото: Промо

Скопски културен водич: каде на изложба низ град?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот