Специјална проекција на филмот „Самоуништување“ ќе се одржи во Кинотеката
По повод 30 години од премиерата на македонскиот филм „Самоуништување“, Кинотеката на Македонија организира специјална проекција на ова впечатливо остварување кое и денес останува препознатливо по својот автентичен хумор, социјална критика и живописни ликови.
Препорачано
Играниот филм „Самоуништување“ (1996) е реализиран како македонско-турска продукција во режија на Ербил Алтанај и по сценарио на Сашко Насев. Филмот ја следи приказната за таксист кој, и покрај скромниот живот и секојдневните предизвици, успева да влијае врз луѓето околу себе и постојано да се наоѓа во необични и комични ситуации. Преку неговите доживувања, филмот создава слика за општеството и човековите слабости, раскажана со препознатлив македонски дух. Проекцијата на филмот во Кинотеката ќе се одржи на 19 јуни, со почеток во 20:30 часот.
Во главните улоги настапуваат Јовица Михајловски, Катерина Коцевска и Оливер Митковски, заедно со низа истакнати актери кои придонесуваат за богатата атмосфера и незаборавните сцени што филмот гo направија омилен кај публиката.
„Самоуништување“ е урбана трагикомедија чија тема е распаѓањето на семејството, кризата на поединецот врзана со духот на времето во кое се случува дејството, семејна морална драма која може да се смести во кое било време и место.
Куплунг (Јован) е таксист, човек без морални предрасуди, силеџија и љубовџија, човек што ги почитува само своите страсти. Сценариото суптилно назначува дека порано бил егзекутивец во валканите операции на комунистичката тајна служба, што само ја зголемува неговата фрустрација заради неостварениот, а посакуван општествен статус. Тој кон сопругата Стојна, работничка во фабрика, се однесува како кон сопственост, па таа ропски послушна ги исполнува неговите барања и го поднесува неговото грубо и простачко однесување. И Цоле, неговиот син студент, е малтретиран од него. Единствена слабост Куплунг покажува кон неговата љубовница Шила, кафеанска пејачка, која, сепак, се мажи за полицискиот инспектор Славчо (Цацко), брат на Стојна. Само тогаш Куплунг е исфрлен од шемата по која живее и веднаш бара нов сексуален објект. И Вилма, наивната девојка на Цоле, е можеби најтрагичната жртва на Куплунг: Куплунг ја силува, а таа потоа станува негова љубовница. Од оваа тајна врска Вилма забременува. При една брутална сцена на насилство на Куплунг врз Стојна, Цоле го напаѓа таткото и го удира по главата со пиштол. Куплунг потоа останува инвалид врзан за количка. Цоле се жени за Вилма, таа раѓа син, а Стојна и понатаму ропски ја поднесува судбината обременета со нови тешкотии.
Три децении по неговото прво прикажување, „Самоуништување“ останува важен дел од македонската филмска историја и сведоштво за едно време, еден менталитет и еден препознатлив филмски израз.


