Осмата поетска книга на Сузана В. Спасовска е со наслов „Првата ноќ и вториот рај“
Неодамна, излезе од печат поетската книга „Првата ноќ и вториот рај“ од авторката Сузана В. Спасовска, во издание на издавачката куќа „Слово“. Рецензент на книгата е Дарин Ангеловски. Корицата на книгата е авторство на илустраторката Наталија Лукомска.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во извадок од рецензијата Ангеловски наведува: „Најновата поетска збирка на Сузана В. Спасовска тематски се надоврзува на претходните поетски остварувања на нашата реномирана поетеса, книжевна теоретичарка, критичарка и антологичарка, меѓу кои особено оние од претходните стихозбирки ‘Пеперутка од пепел’ (2018) и ‘Кадуцеј и лира’ (2022). Поезијата на Спасовска во оваа објава оди чекор понатаму во асоцијативниот потенцијал на човековата дарба за творештво, без притоа да ја образложува неговата природа (можеби затоа што поетите не се толку зналци, колку што се вдахновени или вознесени, а со самото тоа и поставени во сферата на духовното т.е. на божественото). Со тоа на најдобар начин се поддржува Платоновото поетичко начело според кое поезијата е најмалку субјективна и лична, а најмногу што може, универзална, високо стварносна и во идеална насока – стварна.“
Сузана В. Спасовска е родена 1972 во Ротердам, Холандија. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Објавила седум стихозбирки – „И љубов и заговор“ (1996), „Смртно писмо“ (2002), „Божествена жена“ (2006), „Низ темјанот еден лилјан“ (2014), „Пеперутка од пепел“ (2018), која била во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП 2018, „Јазикот на светлината“ (2020), за која ја добила наградата „Антев златник“ на меѓународната манифестација „Антево перо“ (2019), како и збирката песни „Кадуцеј и лира“ од 2022 година, која била во најтесен избор за наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. „Првата ноќ и вториот рај“ е нејзина осма книга песни.
Во 2002 година во Софија излегол избор од нејзината поезија на бугарски јазик „Огледала, сбогом“. Во 2006 година ја приредила антологијата на поезија од млади македонски автори „Пурпурни извори“ во издание на Струшките вечери на поезијата.
Во 2021 година излезе од печат самостојното издание на нејзината книга за македонскиот слободен стих „Слободата на стихот“, која претставува нејзина магистерска теза и која, исто така, беше во најтесен избор за наградата за критика „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија.
Во 2023 година во издание на издавачката куќа „Макавеј“ излезе од печат нејзината книга критики „На врв од острицата“. Во 2025 година издавачката куќа „Полица“ ја објави нејзината книга „Враќањето на Орфеј – орфејска и орфичка поезија“, која е нејзината докторска дисертација. Нејзини песни се преведувани на англиски, италијански, полски, украински, бугарски и други јазици.
Главен уредник е на електронското списание за литература и други уметности „Блесок“. Од 2019 година е член на Друштвото на писателите на Македонија. Работи како професионален лектор и професор на Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје. Пишува и објавува книжевно-теориски текстови за македонската литература.


