Брисел бара што поскоро да се реши прашањето за албанскиот јазик на државните испити
Европскиот парламент усвои амандман со кој ги повикува властите во Македонија што поскоро да го решат прашањето за употребата на албанскиот јазик на државните испити.
Препорачано
Амандманот е дел од извештајот на Европскиот парламент за извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2025 година. Во него се бара властите да обезбедат практично спроведување на Охридскиот рамковен договор „и во закон и во дух“, но и да не ги претставуваат студентските протести како политички мотивирани или како дестабилизирачки фактор.
„Се повикуваат властите на Северна Македонија што поскоро да го решат прашањето за употребата на албанскиот јазик на државните испити, со цел да се обезбеди практично спроведување на Охридскиот рамковен договор и во закон и во дух, како и студентските протести да не се прикажуваат неосновано како политички мотивирани или како дестабилизирачки фактор“, се наведува во амандманот.

Според документот, амандманот се однесува на параграфот 11 од резолуцијата за Македонија, во делот во кој се говори за застапеноста на Албанците и другите заедници во јавните институции, како и за обврската администрацијата да го одразува мултиетничкиот состав на земјата.
Спорот околу употребата на албанскиот јазик на државните испити се отвори по барањето на албански студенти по право да им се овозможи правосудниот испит да го полагаат и на албански јазик. Тие тврдат дека сегашното решение ги става кандидатите Албанци во нерамноправна положба, особено бидејќи станува збор за испит што е предуслов за натамошна професионална кариера во правосудството.
Незадоволството кулминираше минатиот месец, кога студенти и поддржувачи излегоа на протест. Под слоганот „Обединете се со студентите – сите заедно“, тие побараа институциите да најдат решение за полагање на правосудниот испит на албански јазик.
Амандманот доаѓа во период кога Европскиот парламент во истиот извештај упатува и пошироки критики за состојбите во владеењето на правото, функционирањето на судството и потребата од почитување на независноста на институциите во Македонија.


