Жртвите на родово базирано насилство трпат и говор на омраза на социјалните мрежи
Наместо поддршка и сочувство, жените жртви на родово базирано насилство во Македонија често се соочуваат со бранови осуди, навреди и говор на омраза на социјалните мрежи. Трагичните случаи на Ивана и Росица покажаа дека дури и по смртта, жртвите неретко стануваат предмет на јавни пресуди и обвинувања.
Препорачано
Адвокати и родови активисти за „Слободен печат“ оценуваат дека кога јавноста дознава за случај на фемицид или родово-базирано насилство, првите реакции на социјалните мрежи често не се насочени кон одговорноста на сторителот, туку кон преиспитување на постапките на жртвата. Наместо прашањето „зошто насилникот го сторил тоа?“, се појавуваат коментарите „зошто не си заминала?“, „сигурно знаела со кого живее“ или „самата си е виновна“.
Овие пораки не се само лични ставови на поединци. Тие претставуваат форма на онлајн говор на омраза кој ја префрла вината врз жртвата, создавајќи атмосфера во која насилството се релативизира, а одговорноста на сторителот се става во втор план.
Експертите за родова еднаквост предупредуваат дека ваквите наративи се особено штетни бидејќи испраќаат порака до другите жени кои трпат насилство дека ќе бидат осудувани доколку проговорат. Стравот од јавна осуда станува дополнителна пречка за пријавување на насилството и барање помош од институциите.
-Сајбер говорот на омраза не само што предизвикува дополнителна траума, туку создава и ефект на дисциплинирање: испраќа порака до сите жени дека јавното говорење за насилството ќе биде казнето со понижување, исмевање, омаловажување и социјална стигматизација. Целта не е дебата, туку замолчување.
Во мојата повеќе од петнаесетгодишна работа во областа на родовата еднаквост и женските права – како претседателка на организација, истражувачка, магистерка по родови науки и практичарка која секојдневно работи со жени – гледам дека онлајн нападите често оставаат подлабоки и подолготрајни последици од самото насилство, вели за „Слободен печат“ Дороти Пачкова, родова експертка и претседателка на „Јунајтед Фем“.

Таа додава дека сајбер говорот на омраза насочен кон жени кои преживеале родово базирано насилство не е спореден феномен, туку продолжение на насилството со други средства.
– Коментарите од типот „сама си го барала“, „зошто не си заминала порано“ или „сигурно има и таа вина“ претставуваат класични форми на секундарна виктимизација и дигитално репродуцирање на патријархалните матрици на моќ. Со други зборови, станува збор за продолжено родово базирано насилство. Современите феминистички истражувања покажуваат дека онлајн мизогенијата не е само говор, туку практика на систематско замолчување и исклучување на жените од јавната сфера. Филозофката Кејт Ман ја дефинира мизогинијата како „механизам за спроведување на патријархалниот поредок“, додека Миранда Фрикер го воведува концептот на „епистемичка неправда“ – состојба во која на жените систематски им се одзема кредибилитетот како носителки на знаење и како најрелевантни сведоштва за сопственото искуство. Токму тоа се случува кога жена ќе проговори за насилство, а јавноста ќе возврати со сомнеж, обвинувања, двојна виктимизација, потсмев или злорадост, вели таа.
Адвокатката Неда Чаловска, која го застапуваше семејството на Ивана, жртва на семејно насилство која си го одзеде животот заедно со животот на шестгодишната ќерка Катја со пад од балкон во скопско Тафталиџе, вели дека говорот на омраза на социјалните мрежи насочен кон жени жртви на родово базирано и семејно насилство претставува сериозен облик на насилство кој не само што ги продлабочува последиците од првичното насилство, туку создава и дополнителни бариери за пристап до правда, поддршка и заштита. Во многу случаи, жртвите наместо поддршка, се соочуваат со сомнеж, осуда и обиди да се дискредитира нивниот кредибилитет.
-Ова потекнува од очекувањата во јавниот дискурс жртвата да се однесува на одреден начин за да биде препознаена како „вистинска“ жртва – да нема претходни конфликти со сторителот, да го напушти насилникот веднаш, да не се враќа во врската, да пријави веднаш, да нема одредени фотографии на социјалните мрежи, да не покажува емоции кои не одговараат на општествените очекувања, да биде совршена мајка, да не комуницира со други мажи и многу други норми, особено родови норми кои општеството ги очекува. Доколку не ги исполнува овие стереотипни критериуми, жената често станува предмет на критика и говор на омраза. Наместо вниманието да биде насочено кон насилството и одговорноста на сторителот, фокусот се префрла кон однесувањето на жртвата и нејзините лични избори. И зошто велам родови норми? Поради тоа што истиве овие правила, односно очекувања во најголем дел не важат за мажите, вели Чаловска за „Слободен печат“.
Дополнително, додава таа, сајбер говорот на омраза има пошироко општествено влијание.
-Тој испраќа порака до сите жени дека пријавувањето насилство може да резултира со јавна стигматизација и напади. На тој начин се создава таканаречен „ефект на замолчување“ (чилинг ефект), каде што жените избегнуваат да зборуваат за насилството од страв од негативните реакции на јавноста. Ова особено се случува на жени кои пак се дел од јавната сфера, како политичарки, новинарки, па дури и адвокатки. Секако, ова директно влијае врз напорите за спречување и откривање на родово базираното насилство, смета таа.
Онлајн говорот на омраза, може да предизвика дополнителна психолошка траума, чувство на страв, срам и изолација, како и губење на довербата во институциите и јавноста. Многу жени поради страв од јавна осуда се откажуваат од пријавување на насилството, од водење судски постапки или од јавно барање поддршка.
– На тој начин, дигиталното насилство станува продолжение на контролата и заплашувањето што жртвите веќе го искусиле во приватната сфера, вели адвокатката.
Чаловска за „Слободен печат“ се осврнува на уште еден важен аспект – дека е многу важно овие стереотипни очекувања за ,,совршената” жртва или пак за тоа кој го носи товарот на заштитата да не бидат дополнително ,,одобрени” и во самите судски пресуди, кои освен казнувањето, треба и да ја едуцираат пошироката јавност.
Во овој контекст, таа ја споменува одлуката J.L против Италија на Европскиот суд за човекове права, случај за силување на девојка од повеќе машки лица, каде се утврдува секундарна виктимизација кон жртвата во текот на кривичната постапка и образложението на судот.
Кривичната постапка завршила со ослободителна пресуда за обвинетите, но проблемот пред ЕСЧП не бил само исходот на постапката, туку начинот на кој италијанскиот суд ја опишувал жртвата во образложението на пресудата, односно го оценувал нејзиниот начин на живот, ги анализирал нејзините претходни сексуални односи, коментирал како се облекувала, како се однесувала и дали нејзиното однесување било во согласност со стереотипните очекувања за жртва на силување.
-Судот практично ја оценувал нејзината личност наместо да се фокусира на прашањето дали имало согласност или насилство. Поради ова Европскиот суд утврди повреда на член 8 од Конвенцијата (право на приватен живот), потенцирајќи дека правото на судиите слободно да се изразуваат во одлуките е ограничено со обврската да го заштитат угледот и приватниот живот на поединците од неоправдано мешање, како и дека националните власти не ја заштитиле подносителката од секундарна виктимизација во текот на постапката, при што формулациите употребени во пресудата имале особено значајна улога, особено имајќи го предвид нејзиниот јавен карактер, вели Чаловска.
Адвокатката Катерина Котеска Стисниовска смета дека најмногу во последно време онлајн коментарите кои ревиктимизираат доаѓаат од анонимни, лажни профили.
-Своите фрустрации ги исфрлаат на социјалните мрежи како најлесен начин за бекство од реалноста .Таквите коментари најчесто укажуваат дека токму таквите мажи кои коментираат сe насилни, а жените кои морализираат едноставно завидуваат на храброста на таа жена која ќе сe спаси од насилство кое тие многу често го трпат, вели Стисниоска.
Според неа, постојаната,повеќекратна виктимизација им се случува на жените, но постојат и стереотипи кои ги вимтимизираат жените и пошироко од нашите простори.
Кога една жена ќе се најде во позиција на жртва, било сама признавајќи дека е жртва или како дел од информација, постојано се бара начин да се оправда насилството врз неа и од страна на мажите и од страна на жените. Тоа, сметам дека се должи и на менталитетот на овие простори, согласно кој жената треба да е послушна и покорна и во интерес на зачувување на семејството и дигнитетот треба да трпи и да биде жртва, а особено што низ времето како успешни жени кои биле ставани на пиедестал биле само покорните жени и оние кои го трпеле теророт врз нив, како од семејството така и од околината. Секоја жена која ќе се спротивставела била санкционирана, најчесто со употреба на физичка сила врз неа или отфрлање на околината и маргинализирање, вели адвокатката.
Таа потенцира дека кон повеќекратната виктимизација и сајбер говорот на омраза придонесува и дадената слобода на изразување во медиумскиот простор со скриен идентитет.
Така што,ако се тргне од институциите при пријава на родово насилство врз жената или семејно насилство, од старт се дискриминира и се бараат причини за нејзиното поведение кое го испровоцирало насилникот и речиси секогаш се смета дека насилникот немало да биде насилен ако жртвата не го „испровоцирала”. Лично,во текот на праксата ме фрапирал неправедниот однос на институциите кога жените жртви ги осудувале со прашањата „Зошто не молчиш ако мажот е нервозен?“, „Зошто го пријавуваш, смирете се имате деца, ти си мајка мора да трпиш”, „Зошто беше со него кога тој е женет (или е од друга националност)” кои упорно им се поставуваат на жените и на таков начин повторно се ставаат во улога на жртви, вели Котеска Стисниоска.
Нашите соговорнички се согласуваат дека одговорноста за насилството и офлајн и онлајн – секогаш е кај сторителот.
-Ниту една жена не го „предизвикала“ или „заслужила“ насилството. Секој обид вината да се префрли врз жртвата претставува соучесништво во одржувањето на културата на насилство, мизогинија и женомразие. Вклучително и системската неодговорност, соучесништво и неагилност, посочува Дороти Пачкова.
Таа потенцира дека борбата против говорот на омраза против жртвите на семејно и родово насилство не е прашање на „чувствителност“, туку прашање на демократија, човекови права и еднаков пристап до јавниот простор, затоа што општествата со ниска родова писменост често ги доживуваат високообразованите, компетентни и јавно ангажирани жени како закана за воспоставените односи на моќ.
Колку е поголема видливоста и експертизата на жената, толку поинтензивни се обидите за нејзино замолчување, вели Пачкова.
Во извештајот од мониторингот за говорот на омраза во Македонија за 2025 година, наративите на омраза насочени против родот беа трета најчесто забележана категорија, сочинувајќи 19,9 проценти од сите регистрирани случаи.
Во повеќе наврати, при анализата на статиите за семејно насилство врз жени, беше забележано не само неетичко известување туку и коментари со кои се оправдува насилството и се обвинува жртвата, пишува во анализата.
Овој напис е подготвен во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда


