Русија пак ја нападна Украина — тројца загинаа во Краматорск, погодени се и станбени згради
Најмалку тројца луѓе загинаа, а шестмина се повредени по руските гранатирања на украинскиот град Краматорск, пренесува Украинска правда.
Препорачано
Гувернерот на Доњецката област, Вадим Филашкин, на „Телеграм“ објави дека нападот се случил доцна попладнето. Тоа бил втор напад, откако Русите прво нападнеле некаде на пладне. При гранатирањето биле пододени повеќе станбени објекти и разна инфраструктура во Краматорск.
Руските сили утрово го нападнаа и украинскиот град Павлоград, при што беше убиено осумгодишно девојче. Во нападите биле повредена и една 49-годишна жена, која е хоспитализирана во умерено тешка состојба, соопшти регионалниот гувернер Олександр Ханжа.
Локалните власти изјавија дека нападот предизвикал пожар во две куќи, при што една од нив е целосно уништена. Ханжа наведе дека руските сили во текот на ноќта со дронови и артилерија нападнале повеќе градови во Днепропетровската област, при што се оштетени пошта, куќи и спортско училиште.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Владимир Путин би можел да ги засили нападите бидејќи „станува слаб“ политички и воено, повикувајќи ги Украинците да ги почитуваат предупредувањата за воздушни напади и да користат засолништа.


