Првиот човек заразен со вирусот зика е регистриран во Македонија, се вратил од Малдивите
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) го потврди првиот регистриран случај на зика вирусна инфекција во Македонија. Станува збор за Македонец, кој се заразил за време на престој на Малдиви, каде најверојатно бил каснат од комарец-носител на вирусот.
Препорачано
Според информациите од ИЈЗ, човекот бил на Малдивите од 20 до 28 мај. Првите симптоми се појавиле уште за време на патувањето и вклучувале треска, болки во мускулите и зглобовите, благо покачена телесна температура, а неколку дена подоцна му се појавил и осип по телото.
По враќањето во земјава, биле спроведени лабораториски анализи во Одделението за вирусологија при ИЈЗ, при што е потврдено присуство на вирусот зика.
Овој вирус може да се пренесе и од мајка на плод за време на бременост, како и по сексуален пат. Кај повеќето заразени луѓе болеста минува без симптоми или со лесна клиничка слика: температура, осип, болки во зглобовите и мускулите, главоболка и црвенило на очите. Симптомите обично траат неколку дена до една недела. Најголем ризик постои за бремените жени, бидејќи инфекцијата може да предизвика сериозни нарушувања кај плодот, меѓу кои и микроцефалија.
ВИДЕО | ИЈЗ смирува: Нема регистрирани случаи на хантавирус во Македонија


