Фото: EPA/JULIEN WARNAND

Истражување на ЕК: 40 отсто од граѓаните на Србија сметаат дека земјата никогаш нема да влезе во ЕУ

Помалку од една третина од граѓаните на Србија имаат позитивна слика за Европската Унија, исто така помалку од една третина би гласале за членство во Унијата, а 40 проценти сметаат дека Србија никогаш нема да стане членка, покажуваат резултатите од годишното истражување на Европската комисија, пренесува Н1.

Позитивна или многу позитивна слика за ЕУ во Србија имаат 28 проценти од граѓаните, 32 отсто имаат негативна или прилично негативна слика, додека 38 проценти се неутрални, покажало истражувањето спроведено помеѓу февруари и април.

Истражувањето покажало дека околу една четвртина од испитаниците како пречки за пристапувањето на Србија во ЕУ ги гледаат нерешените територијални спорови, недоволниот интерес на ЕУ за членството на Србија и тоа што земјата не може да ги исполни потребните стандарди.

Дека Србија никогаш нема да стане членка на ЕУ сметаат 40 проценти од испитаниците, 17 отсто мислат дека за тоа ќе бидат потребни 15 години, 24 проценти сметаат дека земјата ќе стане дел од Унијата во период од пет до 15 години, а девет отсто очекуваат тоа да се случи во наредните пет години.

Дека влезот во ЕУ, за кој би гласале 31 процент од граѓаните, би донел повеќе придобивки отколку штета сметаат 41 процент од испитаниците во Србија.

Позитивни и негативни страни на ЕУ

Како главни предности од членството во ЕУ, граѓаните на Србија ги наведуваат отворените граници и можностите за патување (41 процент), подобриот квалитет на живот и животниот стандард (32 проценти) и финансиската поддршка (31 процент).

Во исто време, кога станува збор за членството во ЕУ, граѓаните на Србија најмногу ги загрижуваат експлоатацијата на природните ресурси (43 отсто), одливот на младите (35 проценти) и можноста тоа да ѝ наштети на соработката со Русија (33 проценти).

Кога станува збор за довербата во поединечни држави и меѓународни институции, во ЕУ имаат доверба 40 проценти од испитаниците, во Русија 58 проценти, а во Кина 56 отсто.

Исто така, 26 проценти од граѓаните на Србија ја оценуваат финансиската поддршка од ЕУ како висока или многу висока, исто колку и поддршката од Руската Федерација, додека предничи Кина со 39 отсто.

Како клучни области во кои Унијата треба да има позначајна улога во Србија, граѓаните ги издвојуваат економскиот развој и трговијата, здравството, како и борбата против корупцијата и подобрата примена на законите.

Пицула: Вучиќ ја гледа ЕУ како шведска маса, зборува или пред огледало или пред одбрани новинари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот