„Чувствителен процес“ – ВМРО-ДПМНЕ почнува разговори со ЗНАМ и Вреди за реконструкција на Владата
Откако ВМРО-ДПМНЕ во Струмица ја одбележа 36-годишнината од основањето, владејачката партија денес и утре влегува во разговори за реконструкција на Владата, иако засега не дава детали за тоа кој и каде би добил ново министерско столче.
Препорачано
„Со оглед на тоа што разговорите се во рана фаза и станува збор за чувствителен процес кој бара сериозен и одговорен пристап, во овој момент не би навлегувале во дополнителни детали“, рекоа денес од Владата.
Според првичните брифинзи со медиумите, предвидени се средби на маса со политичките партии ЗНАМ и Влен.
„Штом бидат постигнати конкретни договори и дефинирани решенија, јавноста ќе биде навремено и целосно информирана“, дополнија од Владата.
Вреди ќе „настапи“ пред Мицкоски со три сценарија за реконструкција на Владата
Главниот патоказ за претстојните измени, додаваат од Владата, се принципите и јавните пораки кои премиерот Христијан Мицкоски ги упати за време на одбележувањето на 36-годишнината на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој порача дека „нема да толерира занес во привилегиите што ги нуди власта“ и оцени дека на „некои“ (од актуелните функционери) „фотелјата им стана помила од народот“.
Воедно, рече дека промените почнуваат од ВМРО-ДПМНЕ, каде една третина од новите претседатели на општинските комитети неодамна биле првпат именувани на таа функција, а ќе се бираат и нови претседатели на Унијата на жени и на Унијата на млади сили на партијата.
„Морам да кажам дека кога станува збор за Владата, многу прецизно го детектирам и следам феноменот што дел од ешалоните скршнуваат од она што треба да биде кодекс на однесување и принципи на Владата. Очигледно има и такви на кои фотелјата им стана помила од контактот со народот. Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме“, рече Мицкоски.
ФОТО | „Чистиот образ тешко се одржува, а лесно се губи“, рече Мицкоски на стадионот во Струмица


