ВИДЕО | Њујорк сака да ги забрани кочиите по трагичната несреќа со тинејџерот во Централ Парк
Смртта на млад турист кој почина во несреќа со коњска кочија во њујоршкиот „Централ парк“ во средата повторно ја разгоре долгогодишната дебата и ги интензивираше повиците за забрана на популарната, но контроверзна атракција во Њујорк, пренесува Си-ен-ен.
Препорачано
Осумнаесетгодишниот Романч Махаџан почина откако падна од кочија, која се преврте во паркот. Се верува дека ова е првата трагична несреќа со кочија откако тие беа воведени во Централ Парк пред повеќе од 150 години.
Организацијата која управува со Централ парк, се придружи на повиците за привремено прекинување на возењето со кочии додека не се воведат дополнителни безбедносни мерки. Тие велат дека смртта на Махаџан е осмиот инцидент поврзан со коњ во паркот во последните 13 месеци.
Активистите за права на животните долго време тврдат дека коњите се преоптоварени со работа, лесно се плашат на градските улици и живеат во несоодветни штали, тврдење што сопствениците и возачите го негираат, велејќи дека добро се грижат за животните.
„Податоците се неоспорни: судири, избегани коњи, смртни случаи на коњи, повреди, а сега и катастрофална загуба на човечки животи“, рече Едита Бирнкрант, раководител на „Њујорчани за чисти, погодни за живеење и безбедни улици“.
Конзервативниот комитет додаде дека коњите повеќе не можат безбедно да ги делат патеките со тркачи, велосипедисти и електрични тротинети, истакнувајќи дека други градови во САД, како што се Чикаго и Сан Антонио, веќе ги забранија ваквите возења.
Од друга страна, сопствениците веруваат дека оваа несреќа укажува на потребата од подобри безбедносни мерки, а не целосна забрана.
Романч Махаџан бил на семеен пат за да го прослави своето дипломирање. Неговото семејство пристигнало од Индија во понеделникот, истиот ден кога Романч дознал дека е примен на Универзитетот во Џајпур. Откако ја разгледале Статуата на слободата и Бруклинскиот мост, тие решиле да се прошетаат со кочија низ паркот.
Неговиот татко, Дипак Махаџан, за „Њујорк тајмс“ изјави дека возачот излегол од кочијата за да ги фотографира покрај фонтана кога коњот одеднаш избегал. Мајката на Романч паднала од кочијата, а тинејџерот скокнал да ѝ помогне. Но, Романч ја удрил главата на земја додека паѓал.
Градоначалникот Зохран Мамдани, исто така, ја потврди својата поддршка за прекинување на традицијата, велејќи дека ќе соработува со сите засегнати страни за да „обезбеди праведна транзиција што ги штити работниците, додека кочиите со коњи се трајно отстранети од Централ Парк“. Неговите претходници, Бил де Блазио и Ерик Адамс, дадоа слични ветувања, но не ја спроведоа забраната.


