Тинејџер загина во несреќа со кочии во Њујорк
Осумнаесетгодишно момче загина откако паднало од коњска кочија, која се превртела во главниот парк во Њујорк, пренесува Би-би-си.
Препорачано
Идентификуван како турист од Индија, тинејџерот се возел во кочија во Централ Парк заедно со уште тројца патници, кога кочијашот се оддалечил за да ја фотографира групата. Во тој момент коњот се исплашил и потрчал, при што удрил во друга кочија, по што кочијата се превртела.
Тешко повредениот млад човек бил пренесен во болница, каде што лекарите констатирале смрт. Според извештаите, на останатите тројца патници не им била потребна медицинска помош.
„Изгледа дека возачот бил најмалку на растојание од една испружена рака од својот коњ. Ова е неприфатливо. Возачот никогаш не смее да ја напушти кочијата за да фотографира. Поддржуваме целосна истрага“, изјави Александер Кемп, потпретседател на Синдикат на транспортните работници.
Несреќата се случи само една недела откако коњот Дениз, кој влечел туристичка кочија, угина во Централ Парк откако јадел отровно растение, според првичните резултати од обдукцијата.
Кочиите со коњи во Централ Парк се популарна туристичка атракција, но нивната употреба со години е предмет на критики од активистите за заштита на животните.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изјави дека ја поддржува идејата кочиите да бидат отстранети од паркот.
Членката на Градскиот совет на Њујорк, Шанана Ханиф, изјави дека најновите инциденти „се потресен потсетник дека кочиите со коњи не се безбедни ниту за коњите, ниту за луѓето“.
„Овие инциденти не се изолирани случаи. Мора да го усвоиме законот на Рајдер, за да ставиме крај на оваа застарена индустрија и да обезбедиме праведна транзиција за работниците. Њујорк може и мора да направи повеќе“, напиша таа на X.
Според т.н. предлог-законот на Рајдер, градот повеќе нема да издава нови лиценци за кочии, а возењата постепено би биле укинати во рок од две години.
Друг член на Градскиот совет, Харви Епстин, изјави дека е „згрозен“ од „трагичната несреќа“.
„Повторно и повторно гледаме како и коњите и луѓето ги трпат последиците од индустрија што претставува сериозен ризик за јавната безбедност и благосостојбата на животните. Њујорк не може да продолжи да ги игнорира овие трагедии“, наведе тој во соопштение објавено на X.


