Нема пазарење со идентитетот, тоа е нашата црвена линија — спремете се за маратон кон ЕУ, рече Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека евроинтегративниот процес ќе биде долг и тежок. Тој нагласи и дека местото на граѓаните на Македонија е на масата во Брисел, како рамноправна членка на ЕУ.
Премиерот Христијан Мицкоски, од партиската прослава во Струмица порача дека стратешка цел на државата останува членството во Европската Унија, но нагласи дека нема да има отстапки кога станува збор за македонскиот идентитет и јазик.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Тој оцени дека евроинтегративниот процес ќе биде долг и тежок, повикувајќи ги граѓаните да се подготват за борба за „исправување на предавството“ што, според него, ги направила претходната власт. Мицкоски нагласи и дека местото на граѓаните на Македонија е на масата во Брисел, како рамноправна членка на ЕУ.
— Подгответе се за маратон, затоа што ќе мора да се бориме да го исправиме она предавство и онаа капитулација, која што претходната најкорумпирана во историјата македонска влада го направи за овој народ и за својата татковина. Подгответе се да се бориме и да се избориме, за нашите од другата страна на границата да го остварат своето човеково право, да регистрираат конечно своја институција, под која што ќе можат културно да се организираат. Во раката имаме договор којшто го потпиша претходната влада, но, исто така, нашиот источен сосед на маса има 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права коишто велат: „Веднаш да ја регистрираат организацијата на Македонците кај нашиот источен сосед, ОМО Илинден Пирин — изјави тој.
Во обраќањето, премиерот упати порака и до европските лидери, барајќи гаранции дека повеќе нема да има нови билатерални условувања за земјата.
Вреди ќе „настапи“ пред Мицкоски со три сценарија за реконструкција на Владата
— Донесете заклучок дека нема повеќе билатерални прашања, дека се константа и факт македонскиот многувековен идентитет, култура, традиција, обичаи, јазик. И дека нема повеќе никој да ја отвора таа тема. Нема цена. Нема слава, нема моќ што може да ме убеди дека без овие работи, ќе прифатиме било што. Ова е нашата црвена линија — рече Мицкоски.
Осврнувајќи се на односите со источниот сосед, тој оцени дека европските правила мора да важат еднакво за сите.
Мицкоски ја обвини поранешната власт дека со потпишаните договори му нанела штета на евроинтегративниот процес, оценувајќи дека тие презеле обврски што, според него, мнозинството граѓани не би ги прифатиле.
Во говорот се осврна и на борбата против криминалот и корупцијата, отфрлајќи ги обвинувањата дека постои договор со поранешната власт за негонење на функционери.
Премиерот претходно порача дека ќе започне реконструкција на Владата и најави промени и во партијата. Тој истакна дека нема да се толерира оддалечување од принципите и дека „на дел од функционерите фотелјата им станала поважна од народот“, посочувајќи поплаки за нивна недостапност и неактивност на терен.


