СДСМ праша колку платија граѓаните за прославата на ВМРО-ДПМНЕ, од владејачката партија одговорија дека се „заедно со народот“
Колку ги чинеше граѓаните на Македонија прославата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, прашаа денеска од СДСМ.
Препорачано
„300.000 евра? 500.000 евра? Или многу повеќе? Превоз со автобуси, списоци од вработени по јавна администрација од цела Македонија, дневници? Колку ги чинеше тоа граѓаните? Како да го донеле Дејвид Гета? Додека народот се мачи да врзе крај со крај, додека цените незапирливо растат а сиромаштијата се зголемува, додека економијата тоне ВМРО со народни пари и партиската војска во јавна администрација ја слави безидејноста на своето владеење и изолацијата од ЕУ“, соопштија од СДСМ.
Оттаму посочија дека нема пари за повисоки плати, нема пари за субвенции за земјоделците, нема пари за 600 евра минимална плата, нема пари за поддршка на младите, нема пари за мерки, нема пари за лекови, „пари има само за криминални тендери и луксуз за одлепената од реалност владејачка ВМРО“.
„Колку платија граѓаните за Мицкоски да ги слави неуспесите и извештајот на Европскиот парламент за изолацијата на Македонија?“, прашаа од најголемата опозициска партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија критиките и возвратија дека нивната партија е „заедно со народот“, додека СДСМ, според нив, е партија на маргините поради своите политики.
„ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот и заедно со граѓаните го одбележи 36-от роденден на партијата, која се бореше и донесе независност на татковината, направи многу проекти чиј бенефит го чувствуваат граѓаните и ја претставува државата исправено, гордо и достоинствено пред светот“, наведоа од владејачката партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ упатија критики кон СДСМ, обвинувајќи дека опозициската партија својот роденден го прославувала во затворен круг и дека избегнувала да зборува за актуелните теми.
„И сфаќаме дека се плашат и нема ниту збор од СДС за она што се актуелни теми. Уплашени и кукавички се кријат зад соопштенија додека Филипче шета низ светот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија порачаа дека разликата меѓу двете партии е во тоа што, според нив, ВМРО-ДПМНЕ е со граѓаните, додека СДСМ „бега од нив“.
ФОТО | „Чистиот образ тешко се одржува, а лесно се губи“, рече Мицкоски на стадионот во Струмица


