ИНТЕРВЈУ | Алек Наумовски: Чекав по два часа на кастинг само за да ме погледне дизајнерот
Ерата на супермоделите беше исклучително конкурентна и токму затоа кога станав дел од една професионална агенција со седиште во Виена, тоа беше вистинска потврда дека вербата во себе не беше залудна.
Во деведесеттите години беше едно од најпрепознатливите лица на македонската модна сцена и меѓу првите домашни модели што успеаја да изградат меѓународна кариера. Денес, три децении подоцна, Алек Наумовски и понатаму е присутен во светот на модата, но од една поинаква перспектива – како сосопственик на агенцијата „Моделс ИН“ и човек што стои зад успесите на новите генерации модели.
Препорачано
Во разговор за летните планови, модата некогаш и сега, минливоста на времето, славата, убавината и личниот мир, Наумовски открива како изгледа животот кога ќе се изгаснат рефлекторите, а зад себе ќе ја оставите кариера полна со искуства, патувања и вредни животни лекции.

За почеток, каде летово и колку овој период е вистинско време за полнење батерии и малку раат од сѐ?
– Да бидам искрен, не сум голем љубител на летото. Скопје во јули и август знае да биде немилосрдно жешко и во таа жештина некако испаруваат и мислите и творечката енергија. Единствено ноќите го задржуваат она посебно расположение кога можам навистина да работам, кога тишината станува соработник. Планови секогаш има, но вистинското полнење батерии за мене би биле неколку дена во Холандија, кај мојата внука Ема.
Те паметиме како еден од симболите на македонската модна сцена во 90-тите. Како изгледаше тоа време низ твоите очи и што денешните генерации никогаш нема да можат да го доживеат од таа ера?
– Тоа беше поинакво време, и во модата и во начинот на кој луѓето размислуваа. Пријателствата имаа поинаква тежина, нештата функционираа можеби побавно, но дефинитивно посуштински. Во модата тогаш не постоеше кратка патека, мораше да поседуваш вистинска оригиналност и да ја докажуваш секој ден одново. Ерата на супермоделите беше исклучително конкурентна и токму затоа кога станав дел од една професионална агенција со седиште во Виена, тоа беше вистинска потврда дека вербата во себе не беше залудна. Денес, кога го гледам тоа од дистанца, го препознавам како еден од периодите во кои најмногу пораснав, и професионално и приватно. Навиките што ги изградив тогаш, одговорноста, истрајноста, способноста да ги совладуваш предизвиците се, всушност, капиталот што го носам до денес. Она, пак, што денешните генерации веројатно не можат да го доживеат е таа специфична реткост на славата. Тогаш препознатливоста значеше нешто, имаше тежина и длабочина зад неа. Денес, секој може да биде познат и тоа преку ноќ, но прашањето е по што ќе биде запаметен.
Кога денес ќе погледнеш фотографија од Алек Наумовски од пред триесетина години, што прво ти поминува низ глава?
– Чувствувам нешто слично како кога гледаш филм за кој знаеш дека си го живеел, но ти изгледа нереално далечен. Чувам некои стари магазини и кога ќе ги отворам, не се гледам само себеси, туку гледам лица, места, емоции, еден цел свет кој повеќе не постои во истата форма. Има и тага во тоа, но убава тага, онаа што те потсетува дека навистина си живеел. Минливоста на животот не е трагична, таа е само вистинита. И колку повеќе ја прифаќаш, толку повеќе станува простор за благодарност, а не за жалење по минатото.

Во времето кога ти почнуваше, немаше социјални мрежи и слава преку ноќ. Дали сметаш дека тогаш беше потешко да се успее или денес е потешко да се остане релевантен?
– Тогаш одев по кастинзи со мапа во рака, чекав по два часа само за да ме погледне дизајнерот, и тоа во услови на конкуренција која беше безмилосна. Но, во таа тежина имаше и некаква чистота, знаеш точно зошто си таму и колку чини она кон кое се стремиш. Денес, социјалните мрежи им дадоа на сите шанса да бидат видени и тоа е убаво само по себе, но создадоа и еден вид инфлација на вниманието. Кога сите викаат, тешко се слуша оној што навистина има нешто да каже. Па така, мислам дека тогаш беше потешко да се влезе, а денес е потешко да се остане. А ова второто, всушност, е поголемиот предизвик.

Во кариерата си запознал многу познати личности. Која од нив оставила најсилен впечаток кај тебе и по што ја паметиш?
– Луѓето не ги паметиме само по она што го постигнале, туку по она што ни го оставиле во еден момент, по некој гест, по некоја реченица, по начинот на кој те погледнале. Од нашите простори би издвоил три исклучителни жени, секоја величествена во она со кое се занимава: Надица Георгиева, Каролина Гочева и Калиопи. Од меѓународната сцена се сеќавам на Соња Рикел, жена која модата ја сфаќаше и како филозофија, на фотографот Андреас Битесних, на Дени Бријот од „Ренегејд саунвејв“, и на Габриел Јард, композиторот што ја создаде музиката за „Бети Блу“ и „Англискиот пациент“, музика што е вечна токму затоа што е длабоко човечка. Но, можеби најсилен впечаток ми остави еден џез музичар со само една реченица: никогаш не зборувај за сопствената работа, остави другите да го кажат тоа. До денес не сум ја заборавил.
Често зборуваш за успехот на моделите што ги менаџираш. Дали некогаш си препознал во некого дел од младиот Алек и веднаш си знаел дека ќе направи голема кариера? И како е да се работи оваа работа?
– Постои еден специфичен момент кога гледаш во некого и знаеш, не можеш точно да објасниш зошто, но знаеш. Не е само до физичкиот изглед, туку до некоја внатрешна сила, до начинот на кој стојат во просторот. И да, во некои од нив сум препознал нешто од она што јас го носев кога бев на нивното место. Тоа ми дава особена радост кога ќе успеат. Сакам да мислам дека со Надица им го пренесуваме не само знаењето, туку и еден однос кон оваа работа, еден етос. Агенцијата е поинаква кога моделите знаат дека некој навистина верува во нив. Тогаш машките модели беа реткост на меѓународната сцена, а денес само од нашата агенција „Моделс ИН“ има шест кои чекорат по светските подиуми. Тоа е нешто на кое сум навистина горд. А убавината е и во она потоа, во пријателствата што остануваат и кога камерите се исклучуваат.

Со години изгледаш речиси непроменето. Дали тајната е во генетиката или постои некоја животна навика од која никогаш не отстапуваш?
– Претпоставувам дека генетиката игра голема улога, но повеќе од тоа верувам дека изгледот е одраз на внатрешната состојба. Повремено правам освежувачки ласерски третман, но никогаш не сум бил привлечен од идејата за подмладување во вистинска смисла на зборот. Стареењето е природен процес и секоја брчка е, всушност, еден запис, доказ дека некои нешта си ги доживеал, некои битки си ги поминал. Да ги бришеш значи да ги избришеш и приказните зад нив. За мене е многу поважно да бидам задоволен со тоа кој сум и опкружен со луѓе што ми значат, тоа е, мислам, вистинскиот рецепт за добар изглед.
Приватниот живот успешно си го зачувал далеку од јавноста. Во време кога сите споделуваат сè, дали тоа е свесен отпор кон модерните трендови или едноставно твој карактер?
– Мислам дека е едноставно мој карактер, иако со годините стана и свесен избор. Секој човек има еден внатрешен свет што заслужува да остане приватен, не од страв, туку од почит кон себеси. Кога постојано барате надворешна потврда, постои нешто длабоко во вас кое не е решено. Јас одамна научив дека мирот не доаѓа однадвор. Понекогаш ќе споделам нешто што ми се допаѓа или што ме трогнало, но она суштинско, она што навистина е мое, сакам да го зачувам само за себе. И во тоа наоѓам особена убавина.
По сè што си доживеал, патувања, ревии, успеси и познанства, што денес те прави навистина среќен кога ќе се затвори вратата од агенцијата и ќе останеш сам со себе?
– Тишината. И благодарноста што доаѓа со неа. Кога ќе останам сам со себе, не чувствувам празнина, чувствувам исполнетост. Тоа не е нешто што се добива преку ноќ, треба долго да учиш да живееш со себе, да бидеш свој најдобар соговорник. Пријателствата што траат со децении, патувањата што ти го прошируваат погледот, убавата книга, добриот филм, тоа се нештата што ги ценам. Не е во грандиозноста, животот е убав во малите нешта, ако знаеш да ги забележиш. Мирот и спокојството навистина немаат цена и сè почесто мислам дека тоа е единственото вистинско богатство.



