Фото: Приватна архива

Љубовната приказна на Ева Нединковска: Нè запозна таткото на Филип, кој е пастор во христијанска црква, и предложи да испиеме кафе

Ева Нединковска, поранешна пејачка, а денес успешна деловна жена, пред Велигден се сврши со својот партнер Филип. Тој ја запроси на патување во Будимпешта.

Во интервју за „Слободен печат“, Ева открива како започнала нивната љубовна приказна, колку Филип е близок со нејзината ќерка Ена, зборува за животните пресврти, мајчинството, повлекувањето од музичката сцена и новата животна фаза во која се подготвува за брак и заеднички живот.

Неодамна од Будимпешта ја сподели веста за свршувачката. Како изгледаше моментот кога Филип те побара за сопруга? И како се чувствуваш?

– Моментот кога Филип ме побара беше интимен, топол и многу значаен за двајцата. Се потруди околу изборот на местото, сместувањето, прошетката до таму, услугата, факторот на изненадување за мене итн. Тој ми одржа емотивен говор, се помоли за нас и клекна со прстен. Се чувствував така како што посакувам и секоја жена треба да се чувствува така со својот сакан – почитувана, единствена, сакана, видена и прифатена. Но, најважно е што запросувањето беше следство на еден многу интензивен неколкумесечен период на запознавање, преживување реални, секојдневни, не секогаш гламурозни моменти заедно, разговарање за сите клучни животни теми… Особено за животниот повик на секој од нас и нашето разбирање на бракот, задачата и смислата на бракот, што тој треба да рефлектира и нашите улоги во него. Инаку, ако ве интересира повеќе другиот дел, Филип иницијално имал план да ме запроси во Берлин, пред или по мојата полумаратонска трка таму, но околностите, фактот што имавме активна агенда за прошетки и мојот умор по полумаратонот го натерале да го остави тоа за подоцна. Тој знае дека јас сакам целосно да ги доживувам настаните, едно по едно, без брзање, хаха… па го испочитувал тоа.

Инаку, патувањето го организираше тој и беше замислено како мини тура Берлин-Брно-Будимпешта-Белград. Ми беше драго што за мојот полумаратон во Берлин ги покани и моите браќа и снаи, па едниот пар успеа да ни прави друштво и поминавме прекрасно заедничко време, а потоа посетивме и мои роднини во Чешка. Запросувањето во Будимпешта, во „Матилд хотелот“ на „Дачес Руфтоп“, беше шлагот на патувањето.

Кој е Филип, со што те освои и како започна вашата љубовна приказна?

– Филип е човекот по моето срце. Едноставен и приземјен, а редок, посебен и надарен со многу дарови. Ме освои со неговата широчина, храброст, цврстина, одлучност, интегритет, вера, проактивност… со тоа што е Христов следбеник и што тоа можам да го видам во неговото секојдневно делување и однос кон мене, кон ќерка ми Ена и кон сè што прави. Инаку, по професија е машински инженер и работи роботика во странство. Нè запозна неговиот татко, кој е пастор во христијанска црква и кој предложи да испиеме кафе. Со неговите родители се знам со години преку мојата работа како менаџер на Центарот за обука ЕВА, но не бев запознаена со нивната приватност и… со фактот дека имаат прекрасен син.

Фото: Приватна архива

Планирате ли мала венчавка или нешто поголемо?

– Ќе имаме венчавка, но сега ја живееме оваа фаза. Не сме толку концентрирани на формата и подготовката на свадбата, колку на одговорноста за заедничкиот живот и подготовката на самите нас за бракот. Моментално следиме структурирана програма во неколку модули – предбрачна подготовка под менторство на искусен брачен пар христијани. Многу корисно и интересно. Би му го препорачала тоа на секој предбрачен и брачен пар.

Не е тајна дека зад себе имаш еден брак. Колку тој период те обликуваше како личност и колку успеа да ја задржиш вербата во љубовта и бракот?

– Секој период од мојот живот ми е училница и простор за раст. Сум кажала и претходно кога ме прашале – бракот го сфаќам максимално сериозно и не промовирам развод кога за тоа нема сериозно оправдана причина, но лично сочувствувам со сите што морале да ја прекинат таа заедница или, пак, се наоѓаат во таа фаза. Благосостојбата и смислата на брачната заедница може да постојат само кога секој сопружник ја става благосостојбата на другиот како свој приоритет. Инаку, вербата во љубовта и бракот во ниеден момент од мојот живот не сум ја изгубила. Верувам во доброто и дека секој има право и шанса за обнова и нов живот. Старото помина и се создава нешто ново.

Фото: Приватна архива

Колку години има твојата ќерка Ена? Дали си строга мајка и што научи од неа?

– Ена има девет и пол години и е едно посебно и прекрасно девојче, изобилно надарено, но засега скромно. Од самото нејзино раѓање имам уште една клучна животна улога – мајчинството, кое ми се чини дека е најкомплексната уметност. Многу учам од неа, а пред сè дека родителството не е црно или бело и не можеме да го сведеме само на строгост или попустливост, ниту само да го дефинираме преку стилови на воспитување. Исто така ме научи дека детето не е тоа што треба да ја олесни твојата улога како родител. За мене, да си родител е широка, секојдневна рефлексија на тоа кои сме и какви сме ние, каква е околината во која живееме и делуваме, тивките примери и обрасци што нашите деца ги гледаат и ги учат од нас, како и односот што го имаме со самите себе и со другите, а дури потоа со нашите деца. Не е важно што им зборуваме, туку што правиме како родители и како луѓе. Ена ме поттикна подобро да научам да се сакам себеси и да сакам, да поставувам граници без да оттурнувам, ме научи како да одмарам, како да прифаќам без да менувам, како да знам што е приоритет и како да редефинирам што е успех во одреден животен период. Таа е мојата најголема радост.

Зошто реши да се повлечеш од музичката сцена?

– Уште како дете бев опкружена со музика, многу ја сакав – пеењето, пишувањето, создавањето дома, во мојата мала соба во Охрид тогаш, па потоа во студио, на настапи, фестивали и концерти… Сцената ми беше место за игра, мој природен хабитат, своја на своето. Но, тоа се промени кога контекстот стана штетен за мене и кога се почувствував небезбедно. Во одреден момент собрав сила за пресек и целосна промена и сметам дека тоа е една од најдобрите животни одлуки. Благодарна сум му на Бог и на сите што во тој период на каков било начин ми помогнаа.

Фото: Приватна архива

Кога ќе се вратиш назад, колку беше тешко да се успее на домашната сцена, особено во време без социјални мрежи?

– Не се сеќавам дека тогаш нешто ми било тешко. Ништо не ми е тешко ако имам страст за тоа и ако ми има смисла. А за музиката имав и љубов и страст. Тоа време беше многу поразлично од денес. Кога почнував немаше социјални мрежи, па голем дел од моите настапи, фестивали и концерти не останаа зачувани како дигитално наследство. Исто така, не бев толку насочена кон документирање, паралелно студирав, а потоа работев и како професор по англиски јазик. Дел од мојата музичка активност не беше баш автентичен и мислам дека не си дадов доволно простор да се развијам и да создавам така како што ме влечеше мојата природа и порив тогаш. Тоа повеќе остана како потенцијал. Тие години се едни од најклучните за мојата цврстина како личност и за тоа каде сум денес. Многу ги почитувам и ништо не би менувала од оваа перспектива. Многу брзо потоа патот ме одведе кон претприемништвото – да основам свој едукативен центар, прв од таков тип во тоа време, во кој и деца и возрасни можат да учат јазици, музика, уметност, фотографија, да се развиваат, но и професионално да се усовршуваат преку школите за убавина, а подоцна и за бизнис. Така се роди Центарот за обука ЕВА.

Центарот за обука ЕВА прерасна во успешна приказна. Кои беа најголемите предизвици на почетокот и што те одржа на тој пат?

– Центарот за обука ЕВА е мојот животен проект, еден од моите најважни плодови и наследството што јас и моите тимови низ годините го оставивме преку работата со луѓе. Над 13.800 луѓе завршиле различни програми и стекнале знаење, вештини и можности за работа во овие речиси 15 години постоење. Имаме илјадници успешни приказни од сите школи, а стотици жени отворија свои бизниси или се вработија по завршувањето на школите за убавина. Последниве години, преку Школата за бизнис во ЕВА, која дополнително ја развив по мастер-студиите по претприемништво, и преку мојата менторска програма за професионален раст, лично работам со претприемачи и основачи на мали и средни компании од различни индустрии. Од октомври 2025 година сум и CMC® – интернационално сертифициран менаџмент консултант, што претставува меѓународно признат стандард за извонредност во менаџмент консалтингот. Им помагам на компаниите и основачите во позиционирање, структура, оптимизација и раст на нивните бизниси, според сопствена методологија што е резултат на мојата работа, искуство и едукација низ годините. Што ме држи? Мисијата на ЕВА – развој и максимизирање на потенцијалот на секој што доаѓа кај нас и нашето основно верување дека „секој може“. Се радувам кога гледам позитивни промени кај луѓето, тоа ми дава смисла. А доброто е возможно само со учење.

Фото: Приватна архива

Кое е најголемото животно искуство што те промени како жена и што денес го носиш како твоја најсилна лекција?

– Има многу такви искуства. Но, една од најважните лекции е дека не можеш сè сам и само со свои сили, а на крајот сепак мораш да бидеш подготвен да ја преземеш целосната одговорност за сите исходи – добри или лоши. Некогаш мислев дека можам сè и дека треба сè да држам под контрола, па туркав многу работи напред што едноставно требало да ги пуштам или да ги препуштам. Последните години, откако го запознав Христос и неговата личност преку читање на Библијата и практикување дисциплина во тоа, знам дека не сум сама и дека „сè можам преку Христос, кој ми дава сила“, а јас треба само да бидам дисциплиниран следбеник и соработник во сопствениот живот. На тоа темелам сè и тоа менува сè.

За крај, како охриѓанка, што за тебе значи Охрид?

– Охрид за мене е мојот роден град и магично место на духовност, живописност и вековна култура. Тој е моето детство со семејството и моите соништа како дете, моите училишта, моето музичко и играорно друштво, годините, забавите и одењата на плажа со друштвото од маало во „Баракине“. Охрид за мене е почетокот на моето читање и интензивно пишување, учеството на литературни конкурси и натпревари. Охрид се и великаните Григор Прличев и неговото творештво, кое ме инспирираше како дете, Св. Наум и Св. Климент Охридски и Охридската книжевна школа, првиот словенски универзитет. Охрид за мене е езерото и мирот, природата покрај плажите… и многу повеќе отколку што умеам да ви пренесам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот