Марија Лазарова и Марко Трајковиќ/Фото: Приватна архива

Љубовната приказна на актерката Марија Лазарова: Ќерката на Марко ме прифати, сега сме супер другарки и ќе го шириме семејството

Марија Лазарова е актерка и мејкап артист која гради кариера во театарот, но и преку креативниот визуелен израз. Во разговорот за „Слободен печат“ зборува за своите професионални почетоци, ангажманите и проектите на кои работи, но и за приватниот живот, љубовта со актерот Марко Трајковиќ, кој неодамна ја запроси, како и за семејството кое ѝ е важен дел од инспирацијата и секојдневието.

Марија Лазарова/Фото: MKangalov Photography

Каде на одмор и како го поминауваш летото?

– Летата последниве неколку години ги поминувам работно. Генерално, овој период ми се ангажманите со шминка, но секако одвојувам време за одмор. За мене, идеален одмор е сместување во ресорт со сè вклучено (all inclusive) услуга, каде што нема да мислам на ништо, најверојатно годинава исто ќе биде. И да не ги заборавам тридневните патувања со другарките каде се честиме по убави плажи.  Уште ако има знаменитост да се посетат – јас сум најсреќна.

Публиката те познава како актерка и мејкап артистка, но пред да позборуваме за тоа, каква е Марија кога ќе се изгаснат камерите? Што најмногу те исполнува во слободното време?

– Марија е доста чувствителна, самокритична, личност која ги премислува нештата, доста сум енергична, па имам потреба да правам нешто цело време. Во слободно време ме исполнува секој момент поминат со Марко, моите кучиња, моето семејство, слушање музика и пешачење, читање и истражување историја, гледање серии, добри претстави, шопинг, снимање хумористични видеа за Инстаграм и поезија.

Од каде љубовта кон глумата? Кога сфати дека сакаш да бидеш актерка и тежок ли беше патот до успехот во оваа професија?

– Отсекогаш знаев што сакам и што сум. Само не стоев зад себе поради други причини и фактори. Студирањето глума и влогот во оваа професија е голем луксуз, па бара финансиска жртва што не можам да ја барам од никој освен од себе. Не можам да кажам дека сум успешна, бидејќи во оваа професија успехот се мери со секој завршен проект и вработување. За мене, професијата е животен повик и кауза, независно дали ќе успеам или не.

Се појави во турската серија „Балканска приказна“. Какво искуство беше да се работи на таква продукција и што понесе со себе од тој проект?

– Ова беше еден голем чекор за студент кој само што почнал со едукација, епизодна улога на странски јазик, на сет кој работи војнички – беше добар ветар во грб. Тешко се застанува пред објектив без препознавање од добри кастинг-директори. За мене, најголемиот подвиг е мојата дипломска претстава – монодрамата „Прима Фацие“, наградуван современ текст, ја играм улогата на Теса Енслер, млада успешна адвокатка која поминува низ траума која ја освестува за правниот систем. Ме советуваа да не играм монодрама, особено како студент, дека тоа е предизвик и за големите актери, но се послушав себе и знаев дека ќе успеам да покажам дека заслужувам место на сцена. Реакциите од публиката беа многу емотивни, и сега знам дека работава е сериозна и не смеам да потфрлам, (ха-ха).

Ајде малку и за љубовта… Како започна љубовната приказна со Марко и со што те освои?

– Нашата љубов се случи веднаш кога се запознавме по неговата претстава „Калигула“, само ни требаше време да си признаеме себеси и меѓу себе, (ха-ха). Ме освои неговата човечка големина, неговата скромност зад сцената, неговиот поглед, неговиот однос со ќерка му, и тоа што знаев дека е мој, а јас негова. Ме запроси на семеен ручек, беше дотеран и знаев дека нешто крупно ќе се случи. Но, ние уште на почетокот знаевме дека сакаме да сме во брак и да создадеме живот заедно.

Марија Лазарова и Марко Трајковиќ/Фото: Приватна архива

А како изгледа вашиот однос со ќерката на Марко и како се развива таа семејна динамика меѓу вас?

– Ќерка му на Марко е едно воспитано, мило и паметно суштество, немаше непријатни моменти меѓу нас, поради тоа што Марко е прекрасен татко, а исто така нејзината мајка ја воспитала многу убаво, па немаше причина некој некого да не прифати или да има пречка. За нашата близина ќе покаже животот, сега-засега сме супер другарки и јас сум возбудена да гледам во каква личност ќе расте и како ќе го шириме семејството.

Марко е актер, но се занимава и со стенд-ап. Дали дома почесто има романтични или комични моменти?

– Марко е вонсериски актер, покрај тоа, е многу заслужен за мојата самодоверба на сцена. Исто така, вонсериски комичар, особено на темата црн хумор, па не знам на што попрво паднав, ама хуморот е еден од јазиците на кои комуницираме. Марко е мојот душевен мир и најголема страст.

Марија Лазарова и Марко Трајковиќ/Фото: Приватна архива

Позната си по креативните мејкап трансформации. Кој изглед ти бил најпредизвикувачки да го реализираш?

– Секој изглед што сум го правела бил предизвик, бидејќи знаењето ми е од само еден курс за специјални ефекти и мојата способност, сега сум среќна што ќе можам да си го спојам професиите, работејќи на монодрама.

Освен што инспирираш со талентот, многумина го следат и твојот стил. Колку модата и негата се важен дел од твоето секојдневие и дали имаш некое златно правило кога станува збор за убавината?

– Јас сум тешка шмизла од малечка, како дете бев детски модел, опседната со гардеробата на мајка ми. Уште од пубертет имам рутини за нега на лице и многу ми е важно секогаш да бидам средена. Уживам во тоа и постојано истражувам и учам нови финти за мејкап, фризури и стил на облекување. Златно правило ми е дека животниот стил мора да ѝ служи на убавината – ако немам за крем со витамин Ц, мора да имам за таблети витамин Ц, (ха-ха). Баш ми е драго ако инспирирам некого.

Кои се идните планови…?

– Идните планови се работа на сопствен проект – монодрама, по текст на Марко, учество во една претстава која е во фаза на подготовки и според договорот не можам сè уште да зборувам, и свадба, (ха-ха).

Марија Лазарова и Марко Трајковиќ/Фото: Приватна архива

 

Љубовната приказна на Ева Нединковска: Нè запозна таткото на Филип, кој е пастор во христијанска црква, и предложи да испиеме кафе

Интервју со Валентин Петрески, ТВ-водител: Како и во кујната, така и пред камера, не одам по правила, туку по свој рецепт

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот