Фото: „Слободен печат“

ФОТО | Лозано прослави роденден со синот и сопругата на настап во Скопје: „Што да посакам повеќе?“

Заедно со синот и сопругата како поддршка, Влатко Лозаноски – Лозано вчера прослави роденден на концерт во Скопје. Поп-пејачот во еден глас со публиката ги пееше најголемите хитови на настанот „Културно лето“ во скопската општина Кисела вода.

Малиот Марко, кој во октомври ќе наполни две години го следеше целиот коцерт заедно со мајка му Сава. Тој беше и на големиот концерт на Лозано во март во Скопје, во aрената „Борис Трајковски“ носејќи маичка со натпис „Километри љубов за тато“.

„Не сум си посакал ништо сѐ уште. Што да посакам повеќе? Обично родендените ги славам во кругот на најблиските, но ваков досега не сум имал, на настап со мојата публика. Прекрасно си поминавме“, ни рече Лозано по концертот.

Лозано со синот Марко / Фото: „Слободен печат“

На сцената го повика неговиот колега и сограѓанин од Кичево, фолк-пејачот Влатко Миладиновски кој настапи пред него. Миладиновски му го честиташе роденденот, а Лозано ги дувна свеќите на роденденската торта. „Ви благодарам многу, да сте живи и здрави“, рече Лозано кој вчера наполни 41 година.

Настапот, тој го почна со големиот хит „Километри“, а го заврши со уште еден голем хит, „Јако јако“. На концертите на Лозано секогаш се повторува една убава слика. Искрени обожаватели во првите редови кои му ги пеат песните од прв до последен стих, му праќаат бакнежи, а тој им возвраќа од сцената.

Еден од нашите најдобри машки вокали со години цврсто го гради и го чува статусот на поп-ѕвезда поради хитовите, неговата ненаметливост и скромност, топлиот однос со публиката и контиунираната работа. На репертоарот се најдоа и дел од новите песни како „Купи ме“ и „Среќен пат“, кои веќе го најдоа својот пат до публиката.

Лозано на вчерашниот концерт во Кисела Вода / Фото: „Слободен печат“

„Уште една година повеќе… и уште повеќе причини за благодарност. Благодарен сум за семејството, пријателите, музиката и за сите луѓе кои се дел од мојот живот и ми ја даваат својата поддршка низ годините. Ви благодарам за секоја честитка, секоја насмевка и секој аплауз. Оваа година нека носи здравје, љубов, мир и многу убави моменти што ќе ги споделуваме заедно. Среќен ми роденден!“, напиша Лозано на социјалните мрежи.

Забавата со која Општина Кисела вода слави 71 година започна со настап на диџеј Марио Трампет. По Лозано, публиката ја разигра Таско со неговите хитови. Интересно беше што неговата баба Павлинка, која има 76 години, дојде за првпат кај внукот на концерт.

Таско со баба му Павлинка / Фото: „Слободен печат“

Во денскиот дел од настанот беше организирана хуманитарна Коријада во организација на Здружението на пензионери од Кисела Вода. Сите средства од нивните печива, како и од изложбата на ракотворби изработени од дечињата со посебни образовни потреби, се наменети за семејствата настрадани од елементарни непогоди.

Вечерва (28 јуни) во паркот „Расадник“ настапуваат млади бендови и талентирани ученици, „2Бона“ и Војаж.

ФОТО+ВИДЕО | Лозано ја расплака публиката со песни од „ДНК“ и Тоше, арената се претвори во „ѕвездено небо“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот