Илустрација / Фото: Pexels

Зошто студеното пиво во топлотен бран може да биде смртоносно?

Топлотен бран зафати големи делови од Европа. Според извештај на стручниот магазин „Лансет“, бројот на смртни случаи поврзани со екстремни горештини се зголемил речиси низ целиот континент.

При температури околу 40 степени Целзиусови, во главниот град на Франција, Париз, за време на музичкиот фестивал „Fête de la musique”, на јавни места беше забранета консумација на алкохол.

Самата жештина претставува огромно оптоварување за организмот. А на тоа да се додадат неколку ладни пива? Подобро не.

Алкохолот не ја гасне жедта – напротив

Колку е потопло, толку повеќе течности човечкото тело губи преку потење. Тој губиток мора да се надомести со внесување течности. Да, и пивото, и шприцерот и џин-тоникот се течности, па може да изгледа дека ја гаснат жедта. Но, тоа е измама.

– Алкохолот предизвикува зголемено мокрење и дополнителна загуба на течности – вели Хелмут Зајц, специјалист по интерна медицина и гастроентерологија, како и почесен професор на Универзитетот во Хајделберг. Со течностите, предупредува тој, се губат и минерали – калиум, натриум и магнезиум.

Прегревање, пад на крвниот притисок, срцев удар

Според Германскиот сојузен институт за јавно здравје, алкохолот може толку да го дехидрира телото што тоа почнува да произведува премалку пот. Телото се прегрева – што може да доведе до топлотен удар.

Студеното пиво, исто така, доведува до ширење на крвните садови, што резултира со пад на крвниот притисок. Последиците се вртоглавица и главоболка. Губењето минерали влијае и врз срцето, вели Зајц. Може да се појават атријална фибрилација, екстрасистоли и нарушувања на срцевиот ритам. „Тоа може да доведе дури и до срцев удар“, предупредува експертот.

Ризик и за младите

Одредени лекови, како оние за намалување на крвниот притисок или за дејство врз централниот нервен систем, дополнително го зголемуваат ризикот. Тука спаѓаат и лекови за спиење и за смирување, чии ефекти се засилуваат кога се комбинираат со алкохол, што доведува до поголема вртоглавица и поспаност.

Но, консумирањето алкохол за време на жештини не е проблем само за постарите или за луѓето со срцеви заболувања. И младите, особено оние кои се физички активни и многу се потат, мора да бидат внимателни, нагласува Зајц.

А што со пиво по истрчан полумаратон или по добиен фудбалски натпревар? Од медицинска гледна точка, одговорот е јасен: „Навистина нема ништо полошо што може да го направите.“

Извор: DW / Автор: Јулија Вергин

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот