Институциите одбраа да се изгради огромен објект, а сега Транспорт ќе го рушел дека е дивоградба, велат од „Охрид СОС“
Иницијативата „Охрид СОС“ реагира за последниот случај со објектот во Старото градско јадро во Охрид, за кој Министерството за транспорт вчера рече дека, по извршен инспекциски надзор, утврдено е дека тој не бил срушен иако е дивоградба, па сега допрва ќе се отстранува.
Препорачано
Според „Охрид СОС“, постојат безброј донесени решенија за отстранување по кои не се постапува со години.
„Објави и соопштенија кои имаат функција само на инстант информација, дека нешто се работи и дека институциите остануваат силно посветени на ‘борбата против нелегалните објекти, доследно и без исклучоци, насекаде низ државата’. На крајот, наместо рушење, премолчено се довршуваат објектите, а сите оние кои реагираат испаѓаат будали. Јавноста (вклучувајќи нè и нас) конкретно за овој објект реагираше уште пред да се изгради новата градба која во обем значително го надминува изворниот објект кој беше срушен“, посочија од иницијативата.
Оттаму нагласуваат дека со повеќе детали овој случај се нашол и во деталниот извештај кој „Охрид СОС“ во 2021 година го доставил до УНЕСКО.
„Сепак, сите надлежни институции одбраа да се изгради огромно здание“, забележуваат активистите.
Тие потсетуваат дека допрва треба да се донесат деталните урбанистички планови за деветнаесетте урбани комплекси кои го сочинуваат старото градско јадро, иако, како што велат, тоа беше препорака која требаше да се исполни уште пред една деценија.
„Во меѓувреме, и во старото градско јадро но и во неговата контактна зона се изградија голем број објекти кои не соодветствуваат со вредностите на овој простор како културно наследство“, нагласуваат од иницијативата.
Иако изразуваат сомнеж, активистите велат дека ќе следат дали министерството ќе си остане на ветувањето дека „нема да дозволат дивеење со бесправната градба и узурпација на јавното добро“.
„Ајде да видиме колку се навистина посветени и дали зборовите ќе преминат во соодветни дела, не само за овој објект и оваа локација, туку и за многу други низ Охридскиот Регион“, посочуваат од „Охрид СОС“.


