Многу идеи се на маса, до вторник ќе има епилог за реконструкцијата на Владата, вели Димитриевски
Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски денеска зборуваше околу тековните разговори за реконструкцијата на Владата, но не даде премногу информации за новинарите. Според него, „до вторник сè ќе се знае, многу идеи се на маса“.
Препорачано
Тој оцени дека ЗНАМ, иако е нов политички субјект, дава значаен придонес во работата на Владата преку двата ресора со кои раководи, како и преку своите претставници во пониските ешалони на власта.
„Факт е дека оваа Влада, работите првенствено ги враќа на позитивна нула, а потоа ги придвижува напред. Затекнавме многу лоша состојба во државата од сите аспекти и факт е дека мора да санираме, а потоа и да продолжиме“, нагласи Димитриевски.
Притоа додаде дека резултатите во двете ресорни министерства каде што работат кадрите на ЗНАМ, како што кажа, се видливи.
„Тоа впрочем го потврди и господинот Кошта како висок претставник на Европската Унија, којшто на неговиот брифинг токму со вас укажа дека и тоа како се забележливи резултатите на нашите министри. Но, како и да е, сепак политиката е компромис, разговори, договарање. Ние сме соочени со реконструкција на Владата и првенствено, сите активности во тој дел се менаџирани од страна на премиерот и мандатарот, којшто има апсолутно свое право да посочи, укаже, да направи одредени комбинаторики во делот на распределбата на власта помеѓу владините партнери, а наше е дали ќе се согласиме со тоа или не“, нагласи Димитриевски.
На прашањето какви понуди добиле, дали можеби доколку се побара замена на кадрите во овие министерства со коишто раководат, би се согласиле на таква опција и дали постои опција, она што веќе се шпекулира во јавноста, да се одземе едната министерска функција од нивната партија, Димитриевски рече дека „кога разговарате во политиката, сите опции се на маса“.
„Имате многу предлози, многу размислувања – индивидуални и партиски. Но, велам, ајде да почекаме да се случи конечниот договор, бидејќи ние како владини партнери – а тоа го слушам дека и ВЛЕН исто така, како третиот партнер во власта – сè уште немаме постигнато конечен договор. Јас можам да говорам исклучиво во името на ЗНАМ, неговите членови, поддржувачи и сите негови кадри“, одговори претседателот на ЗНАМ.


