Македонија има најниското ниво на криминалитет од последните 20 години, рече Тошковски на својот отчет
„Инвестиравме во опрема, обуки и нови технологиии“, беа дел од зборовите на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска даваше отчет за сработеното и се пофали со повеќе работи, а притоа рече дека „земјава има најниското ниво на криминалитет од последните 20 години, при што ефикасноста е зголемена на 69 отсто, а значително е зголемено откривањето“.
Препорачано
„Од првиот ден ја презедовме обврската безбедноста да биде највисок приритет. Изминатите две години се соочивме со бројни безбедносни предизвици, но покажавме дека со посветеност, интегритет и меѓународна соработка, може да се постигнат видливи резултати“, рече утрово Тошковски пред присутните во Центарот за обука во Идризово.
Според него, МВР ги зајакнала институционалните капацитети и ја унапредила борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Го спомена и системот „Безбеден град“ кој, како што рече, ќе се реализира на цела територија на земјата до крајот на годината.
„Во првите пет месеци од воведувањето е забележано намалување на бројот на загинати во сообраќајните несреќи за 40 отсто. Во овој период се регистрирани повеќе од 120.000 сообраќајни прекршоци од кои 95 просенти се за зголемена брзина на движење“, подтенцираше Тошковски.
Исто така, зборуваше и за борбата против криминалните групи.
„Откриени се повеќе од 30 организирани криминални групи. Во областа на корупцијата сузбиени се шест такви групи при што кривично се пријавени 146 лица и 18 правни. Откриени се околу 500 кривични дела, а бројот на пријавени сторители насминува 1.000“, посочи министерот рече Тошковски.
Според него, денешниот отчет не бил само изнесување бројки, туку е „фактичка потврда за трудот и професионалноста на полициските службеници и сите вработени во МВР“.
„Свесен сум дека пред нас има уште многу работа, безбедноста е процес што бара многу посветеност. Затоа, ќе породолжиме со иста енергија, јасна визија и определба да изградиме современо МВР кое ќе одговори на предизвиците“, нагласи Тошковски, посочувајќи дека „да се биде припадник на МВР не е само професија, туку чест и одговорност“, констатираше тој.
Тошковски денеска тврдеше дека земјава има најниското ниво на криминалитет од последните 20 години, при што ефикасноста била зголемена на 69 отсто, додека неговиот претходник Оливер Спасовски, пред околу три години, исто така тврдеше дека и во негово време се направени историски поместувања, кога рече дека криминалитот бил намален за 29 отсто и зголемено откривањето на дрога за 33 проценти.
Тошковски како прв полицаец во Владата на Христијан Мицкоски влезе во 2024 година. Во изминативе две години „преживеа“ три интерпелации во Собранието. Последната се случи пред само неколку дена, поднесена од Левица.
Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев рече дека Тошковски требало да поднесе оставка од морални причини за трагедијата во Кочани, дека во МВР вработува партиски силеџии и обвини дека се толерираат телохранители на премиерот што се тепачи на жени, инспектори со купени дипломи, дека ангажира приватни агенции за обезбедување наместо МВР да обезбедува. Воедно, Апасиев рече дека го вратиле МВРО-ВМРО, дека има двојни стандарди, односно дека за едни постапуваат, а за други не, дека е зголемено семејното насилство, дека 40 полицајци не можеле да препознаат сериски убиец…
Министерот возврати дека интерпелацијата содржи лаги, манипулации и дека го напаѓаат само затоа што граѓаните конечно гледаат надеж дека нешто ќе се смени и дека се работи.


