Израел и Либан постигнаа рамковен договор со посредство на САД — Рубио го нарече „почеток на почетокот“
Американскиот државен секретар Марко Рубио објави дека е постигнат рамковен договор меѓу Либан и Израел по преговорите што се одржаа во Вашингтон, пренесува Ал Џазира.
Препорачано
Деталите за договорот засега се оскудни. Но, во своето обраќање, Рубио денес јасно стави до знаење дека договорот претставува само „прв чекор“ во понатамошните преговори.
„Ова е почеток на почетокот. Пред нас има уште многу работа. Во никој случај не ја потценуваме тежината на задачата што нè очекува, но ја разбираме нејзината важност и колку е таа суштинска“, изјави Рубио, опкружен со претставници на Либан и Израел.
Двете страни се состанаа во Вашингтон на четиридневни разговори со посредство на САД, кои започнаа во вторникот. Либанската група Хезболах не учествуваше во преговорите.
Борбите продолжуваат и покрај меморандумот
Во меѓувреме, продолжувањето на борбите во Либан се заканува да ги наруши напорите за постигнување прекин на огнот меѓу Иран и САД.
На 17 јуни, САД и Иран потпишаа меморандум за разбирање со цел да се запре американско-израелската војна против Иран. Во документот од 14 точки се бараше „итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан“.
Но, Израел контролира речиси една петтина од територијата на Либан и продолжи со бомбардирањето на земјата и по потпишувањето на меморандумот.
Минатиот петок двете страни се согласија на прекин на огнот, но израелските сили сè уште се распоредени во јужен Либан. Иако нападите се намалија, тие не престанаа.
Па така, во напад во јужен Либан во четвртокот загинаа три лица, а беа запалени и нови куќи, додека Израел ја продолжува својата кампања, за која тврди дека е насочена против Хезболах.
„Израел мора безусловно да се повлече“
Во меѓувреме, раководството на Хезболах побара Израел целосно да се повлече од земјата како неопходен услов за мир.
„Израел мора безусловно да се повлече“, изјави денеска лидерот на Хезболах, Наим Касем.
Но, кратко по објавувањето на рамката за договор, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги намали надежите за таков исход.
„Најважно е, пред сè, Израел да остане во безбедносната зона во јужен Либан. Тоа е големо достигнување и ќе го задржиме сè додека Хезболах не се разоружа“, изјави Нетанјаху.
Нетанјаху: Израелската војска ќе остане во јужен Либан колку што треба
Во исто време, Хезболах ги отфрли разговорите, оценувајќи дека тие го поткопуваат суверенитетот на Либан.
„Курсот што го следат либанските власти претставува еднострани и неоправдани отстапки кои само ќе ја ослабат државата и ќе им служат на интересите на израелскиот непријател“, рече пратеникот на Хезболах, Хасан Фадлалах.
Тензии на линија меѓу Трамп и Нетанјаху
Борбите во Либан станаа сè поголем извор на тензии меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп, кој се соочува со домашни критики поради војната против Иран.
Претходно овој месец, Трамп потврди дека го нарекол Нетанјаху „луд“, иако нагласи дека израелскиот лидер е „многу добар човек“ со кого има „одлично партнерство“.
„Имаме мало несогласување околу Либан“, изјави Трамп на самитот на Групата седум (Г7) во Франција минатата недела. „Не мора да уривате зграда секојпат кога во неа ќе влезе некој што е поврзан со Хезболах“, посочи тој.
Трамп потоа го повика Нетанјаху да покаже „помек пристап“ кон Либан.
„Можат многу подобро да се справат со Хезболах. Не мислам дека тоа го прават добро. И навистина ми е жал за Либан“, додаде Трамп.
Нетанјаху е добар човек, но понекогаш малку се возбудува, вели Трамп
И Рубио загрижен за состојбата во Либан
На денешната прес-конференција, Рубио ја повтори загриженоста за состојбата во Либан.
„Народот на Либан со децении страда поради надворешното мешање во неговите работи и поради тоа што други држави се обидуваат да ја користат земјата како платформа за напади. Тоа не е она што го сака либанскиот народ, ниту пак тоа е она што го заслужува“, рече тој.
Средбата беше претставена како прва средба на високо ниво меѓу двете страни од 1993 година, но тогаш заврши со малку повеќе од договор „да се започнат директни преговори“ во иднина.
Потоа следуваа уште два дена преговори во мај, кои завршија со „рамка за преговори за постигнување траен мир“, слична на онаа што беше објавена денеска.
„Возот се движи во вистинската насока“
Либанската амбасадорка во САД, Нада Хамадех, последната средба ја опиша како „долга и тешка“, но изрази оптимизам дека новата рамка може да ги придвижи мировните разговори.
„Трилатералната рамка што денес ја потпишуваме е првиот чекор кон обновување на либанскиот суверенитет и територијален интегритет, обезбедување траен и конечен прекин на непријателствата, овозможување нашиот народ да се врати на својата земја и сите Либанци да живеат во мир, безбедност и просперитет“, рече таа.
Нејзиниот израелски колега Јехиел Лајтер ја пофали Хамадех како „тврд преговарач“ кој „се бори како лавица“ за својата земја. Тој исто така оцени дека најновата рунда разговори „повторно го врати возот на шините“.
„Возот се движи во вистинската насока. Крајната дестинација? Мир меѓу нашите две земји. Вистински мир, во кој и Израел и Либан ќе живеат безбедно, а суверенитетот на двете држави ќе биде почитуван, уважуван и заштитен“, изјави Лајтер.


