ФОТО | Четкар ги фати виновниците што го загадуваат Холандскиот парк во Охрид
Музичарот Владимир Четкар ги пронајде виновниците кои го загадуваат Холандскиот парк во Охрид, откако пред неколку дена јавно покажа измет во реновираниот простор на Охридскиот кеј.
Препорачано
„Еден од ‘Сераторите’ во Холандскиот парк во Охрид. Споделете и вие“, напиша музичарот на неговата инстаграм-приказна.

Пред неколку дена, преку видео снимено директно на местото на настанот, познатиот охридски џез, фанк и соул музичар, со неговиот препознатлив сарказам и револт го покажа новото „дело“ на несовесните граѓани, кои јавните зелени површини ги користат како тоалет.
Во видеото тој директно им се обрати на локалните власти со барање за итна реакција и поставување на видеонадзор за да им се застане на патот на овие појави.
„Здраво. Господинот ‘Сератор’ повторно се врати тука во Холандскиот парк и го направи своето ремек-дело.
Покрај ароматерапијата, во која сите заедно уживаме, и разиграните муви кои ја развеселуваат атмосферата, идеална за пикник и слични активности, би се обратил до одговорните да постават камери за овие засега непознати херои – да станат познати и да бидат богато наградени. Хахаха!“, објави Четкар.
Последниов период, тој на духовит и саркастичен начин ги опишува несовесните граѓани кои ѝ штетат на животната средина и се однесуваат некултурно.
„Каде и да патувам низ светот, Охрид ми е главната станица, а чувството на спокој што го добивам таму е незаменливо. Таму ми поминаа детството и тинејџерските години и таму ми е најблиското семејство. Стариот град со улиците и сокаците, прекрасните византиски цркви и ранохристијански базилики, величествената тврдина со поглед кон езерската шир и околните планини, плажите и кристалното езеро се нешта без кои не можам да си го замислам животот, бидејќи токму таму Господ ми дал душа.
Во април и мај Охрид е прекрасен, бидејќи тогаш може да се види драстична промена на боите во природата. Сѐ расцутува и раззеленува, а пролетните цвеќиња прават вистинско шоу и се благодат за очите“, рече музичарот во едно интервју за „Слободен печат“.


