На ЗНАМ му е малку ресорот земјоделие во замена за ресорот правда
По четиричасовната средба во седиштето на ЗНАМ, премиерот Христијан Мицкоски не го убедил лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски дека Министерството за правда треба да го отстапи во замена за ресорот земјоделие. ЗНАМ се обиделе да издејствуваат „потешко“ министерство, како МВР или одбрана, но тоа не им поминало кај Мицкоски
Нема договор по првата средба помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за реконструкција на Владата, брифираат за „Слободен печат“ од партиите.
Препорачано
По четиричасовната средба во седиштето на ЗНАМ, премиерот Христијан Мицкоски не го убедил лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски дека Министерството за правда треба да го отстапи во замена за ресорот земјоделие иако, неофицијално, и помалиот владин партнер знае дека ротацијата е прашање на денови.
Во замена за ресорот правда, ЗНАМ се обиделе да издејствуваат „потешко“ министерство, како МВР или одбрана, но тоа не им поминало кај Мицкоски.
Планот е во ресорот земјоделие нов министер да биде државниот секретар во министерството од редовите на ЗНАМ, додека со Министерството за правда да раководи кадар на Вреди. Според информациите, реконструкцијата на Владата се очекува да финализира до 1 јули, откако викендов ќе има нови средби меѓу владините партнери, по што премиерот предлогот за подновениот владин состав ќе го достави до Собранието.
ЗНАМ останала на позицијата дека распределбата на ресорите треба да остане како при првичниот договор за учество во Владата, односно да ги задржат министерствата за јавна администрација и за правда. Мицкоски, пак, веќе им соопштил дека работењето на министерот за правда Игор Филков е проблематично.
Како што веќе објавивме, Мицкоски со копретседателите на Вреди Билал Касами и Изет Меџити начелно ги распределиле ресорите во кои ќе има ротација. ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно ги презема ресорите здравство, социјална политика и евроинтеграции, додека кај Вреди одат министерствата за правда, за спорт, за култура и за односи меѓу заедниците.
Смена на министри можно е да има и во политички систем, како и за вицепремиерското без ресор, предводено од Шабан Салиу. Од Вреди сметаат дека издејствувале политичка победа со тоа што тие ќе го преземат Министерството за правда, односно дека Филков ќе си оди и дека ќе раководат со ресорот односи меѓу заедниците.
Ако Мицкоски за овие комбинации си подаде рака со двоецот Касами-Меџити, како и со Димитриевски, тогаш од „Илинденска бр. 2“ заминуваат Фатмир Лимани, Арбен Фетаи, кој веќе поднесе оставка, Цветан Трипуновски, Азир Алиу, Игор Филков, Борко Ристовски, Зоран Љутков и Шабан Салиу. Вицепремиерот Беким Сали се очекува да ротира во друг ресор. Ротација или смена се најавува и на вицепремиерот Иван Стоилковиќ, а ново име на „Илинденска“ се очекува да понуди Демократската партија на Турците.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите рече дека предлогот од Владата кога ќе биде пратен во парламентот, веднаш ќе биде ставен во процедура. Според брифинзите, за бројот на министрите што ќе бидат сменети, најверојатно изборот ќе биде како за нова влада, бидејќи надминува една третина од составот.


