мепсо
МЕПСО АД / Фото: МИА

Ревизорска бомба во МЕПСО: 59 далноводи без имотни листови, милиони евра во заглавени проекти

Кај 45 нововработени лица ревизорите утврдиле неправилности во исполнувањето на условите од јавните огласи и систематизацијата, а дел од вработените биле прераспределени или унапредени кратко време по нивното вработување.

Слушај ја веста

Далноводи без имотни листови, трафостаници со двојна сопственост, инвестирање без сметководствена евиденција, проблеми со вработувањата и користењето на јавните средства, кои директно влијаат врз развојот и ефикасноста на електропреносниот систем во државата се само дел од проблемите кои ги утврдил Државниот завод за ревизија за работењето на АД МЕПСО за 2024 година.

Во извештајот стои дека откриени се сериозни слабости во работењето на компанијата иако истата година фирмата остварила раст на приходите од својата основна дејност.

— Утврдени се слабости во евиденцијата и регулирањето на сопственоста на електропреносната инфраструктура, вклучително и земјиштето. Дел од имотот нема уреден правен статус, а има и имот за кој нема точна сметководствена евиденција — стои во извештајот.

Нема имотни листови за 59 далноводи

Ревизорите велат дека преносната мрежа на МЕПСО опфаќа 112 далноводи, но за дури 59 од нив друштвото не располага со имотни листови. За овие објекти се водат постапки за утврдување на правниот статус, но тие се долготрајни поради сложените имотно-правни односи и големиот број локации.

Дополнително, сè уште не се решени сопственичките односи за 33 трафостаници кои се во заедничка сопственост на МЕПСО и „ЕВН Македониј“а. Во одредени случаи, како што се наведува во извештајот, во Катастарот како сопственик е запишана само ЕВН Македонија, додека за други објекти постапките сè уште траат.

Ревизорите утврдиле дека постојната сметководствена евиденција не овозможува да се потврди точниот број и вредност на далекуводите и трафостаниците.

— Далноводите и трафостаниците се евидентирани по делови, на различни сметки за градежни објекти, постројки и опрема и со неусогласени називи, поради што не е можно да се потврди нивниот број и вредност — се наведува во извештајот.

Оваа состојба е особено значајна бидејќи врз основа на овие податоци Регулаторната комисија за енергетика ја утврдува тарифата за пренос на електрична енергија. Ревизијата открива и неправилности кај материјалните средства.

Дел од нив се однесуваат на завршени проекти кои не се ставени во употреба, иако нивната вредност надминува 1,2 милиони евра.

За дополнителни 19,1 милион денари не можеле да се потврдат состојбата и оправданоста на инвестициите поради недостиг на документација.

Не била пресметана амортизација

Поради ненавремено признавање на овие средства, не била пресметана амортизација, што директно влијаело врз финансискиот резултат на компанијата. Во последните 13 години МЕПСО спроведува инвестиции за модернизација и реконструкција на електропреносната мрежа, но ревизорите утврдиле дека степенот на реализација на дел од проектите се движи од само 9 до 62 проценти.

Особено се издвојува проектот „Ревитализација на 110 kV далновод ТС Скопје 4 – ТС Велес“, каде што вредноста на договорот е зголемена за 51 процент или за 1,48 милиони евра. По корекцијата, вредноста на проектот достигнала 4,39 милиони евра. Најголемо доцнење има кај проектот „Реконструкција на 110 kV далекувод ТС Битола 1 – ТС Прилеп“, каде што рокот за реализација е пролонгиран за пет години и осум месеци.

МЕПСО плаќа тешки пари за заемот

Во меѓувреме, за проектот „Изградба на ДВ 110 kV ТС Валандово – ТС Милетково“ е одобрен заем од Европската банка за обнова и развој во износ од 26,4 милиони евра, но изградбата сè уште не е започната. Поради тоа, МЕПСО веќе платил над 155.000 евра за провизии за одобрениот заем и за неповлечените средства.

Ревизорите предупредуваат дека МЕПСО користи повеќе кредитни линии од меѓународни финансиски институции, но значителен дел од средствата не се користат.

Од вкупно одобрените 102,4 милиони евра кредити, дури 53,4 милиони евра или 52 проценти останале неповлечени. Само во 2024 година компанијата платила 245.629 евра провизии за неповлечени средства, додека вкупниот износ на платени камати и провизии за заемите достигнал речиси девет милиони евра.

— Ненавременото користење на заемите го зголемува финансискиот товар и ја забавува реализацијата на стратешките проекти за електропреносниот систем — констатира Државниот завод за ревизија.

Сериозни забелешки има и за кадровската политика на компанијата. Кај 45 нововработени лица, односно кај 65 проценти од вкупниот број нови вработувања, ревизорите утврдиле неправилности во исполнувањето на условите од јавните огласи и систематизацијата. Дополнително, дел од вработените биле прераспределени или унапредени кратко време по нивното вработување.
Извештајот се осврнува и на сајбер нападот врз МЕПСО во 2024 година, кој предизвикал привремена недостапност на дел од ИТ системите и податоците. Иако преносот на електрична енергија не бил загрозен, ревизорите препорачуваат дополнително зајакнување на сајбер безбедноста.

Треба да се санира фасадата на управната зграда

Воедно се потенцира и потребата од санација на фасадата на управната зграда, која била оштетена во 2020 и 2021 година, иако за нејзина реконструкција и адаптација во периодот од 2013 до 2018 година биле потрошени околу 8,9 милиони евра. И покрај растот на приходите од пренос на електрична енергија и зголемените приходи од прекугранични преносни капацитети, ревизорскиот извештај покажува дека МЕПСО се соочува со сериозни системски слабости кои бараат итно надминување.

Со ревизијата утврдени се и други состојби кои се однесуваат на извршениот попис, расходувани средства, пријавената кражба, реализацијата на Годишната инвестициона програма, начинот на финансирање на синдикалните организации при АД МЕПСО Скопје, отчетноста на ангажираните лица преку авторски договори, начинот на доделување спонзорства и донации и други состојби кои имаат влијание врз работењето на друштвото.

Со аргументи на нејзина страна, компанијата „МЕПСО“ ја обжали одлуката донесена во корист на „Енергоинвест“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот