ВИДЕО | Силен земјотрес од 7,2 степени ја стресе Јапонија — наставата е откажана, државата се спрема за спасувачки операции
Премиерката Санае Такаичи им изјави на новинарите во Токио дека владиниот кризен тим „ги става животите на луѓето на прво место“, додека ги собира информациите и се подготвува за евентуални спасувачки операции.
Силен земјотрес денеска го погоди подрачјето во близина на северниот брег на Јапонија, но јапонската метеоролошка агенција соопшти дека нема опасност од цунами, објави „Вашингтон пост“.
Препорачано
Земјотресот бил со јачина од 7,2 степени и се случил во близина на источниот брег на Ивате, соопшти Јапонската метеоролошка агенција, која ја зголеми првичната процена од 6,9 степени.
Земјотресот бил на длабочина од околу 50 километри, наведоа од агенцијата. Американскиот геолошки институт, исто така, регистрираше земјотрес со јачина од 6,9 степени.
Потресот се случил во област во која во последните месеци повеќепати беа регистрирани силни земјотреси, меѓу кои и еден што во декември предизвика еднонеделно предупредување за можен мегаземјотрес.
Земјотресот, кој го погоди североисточниот регион на Јапонија за време на утринскиот сообраќаен шпиц, благо се почувствувал и во Токио. Засега нема извештаи за повредени или за причинета штета, изјави главниот владин портпарол Минору Кихара.
The Japan Meteorological Agency says the magnitude 6.9 quake occurred off the coast of Iwate Prefecture and had an intensity of upper 6 on the Japanese scale of zero to 7 in the hardest-hit areas in the hardest-hit areas of Aomori Prefecture. https://t.co/bZpiKm94yl pic.twitter.com/dnuBDdKgKK
— NHK WORLD News (@NHKWORLD_News) June 25, 2026
Премиерката Санае Такаичи им изјави на новинарите во Токио дека владиниот кризен тим „ги става животите на луѓето на прво место“, додека ги собира информациите и се подготвува за евентуални спасувачки операции. Таа ги повика жителите во погодените региони да бидат внимателни поради можни последователни потреси.
Томоко Нагане, директорка на основно училиште во градот Хашиками, во префектурата Аомори, за НХК изјави дека возела кога се вклучило предупредувањето за земјотрес и дека почувствувала умерено странично тресење.
Децата што веќе биле собрани во училиштето биле безбедни, рече таа, иако некои плачеле од страв. Наставата била откажана за тој ден, а сите деца безбедно се вратиле дома, додаде Нагане.
На снимки од јавната телевизија НХК се цитираат новинари од повеќе силно погодени градови, меѓу кои Сендаи и Мориока, кои рекле дека тресењето траело неколку минути, но дека не забележале никаква штета. На снимките се гледаат луѓе кои вообичаено одат на работа.
Компанијата „Ист Џапан рејлвеј“, која управува со возовите во североисточните региони, соопшти дека некои брзи возови и локални линии се привремено запрени поради безбедносни проверки.
Нуклеарните централи и објекти, меѓу кои и централата Фукушима Даичи, која беше оштетена во катастрофалниот земјотрес и цунами во 2011 година, како и постројката за преработка на потрошено нуклеарно гориво во Аомори, не пријавиле никакви неправилности по денешниот земјотрес, рече Кихара.
Јапонија, која се наоѓа на таканаречениот Пацифички огнен прстен, е една од земјите во светот што се најподложни на земјотреси.
Денеска, исто така, два разорни земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени синоќа ја погодија Венецуела и урнаа згради во главниот град Каракас.
Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, прогласи вонредна состојба, а подоцна соопшти дека загинале 32 луѓе, додека околу 700 се повредени.


