Опремата во Белорусија за насочување на руските напади веќе не работи, тврди Зеленски
Комуникациската опрема за која Украина тврди дека помагала во поддршката на руските напади со дронови од територијата на Белорусија престанала да работи, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, неколку дена откако му постави ултиматум на белорускиот лидер Александар Лукашенко, пренесува Киев индепендент.
Препорачано
Овој развој на настаните следува откако Зеленски го предупреди Минск дека Белорусија има една недела да ја отстрани опремата, во спротивно ќе се соочи со мерки од Украина.
„Според информациите што ги добив… опремата престана да работи на територијата на Белорусија од 22 јуни. Дали е демонтирана или не, искрено, сè уште не знам. Факт е дека, заклучно со денес, опремата повеќе не работи“, рече тој.
Украинскиот претседател претходно изјави дека системите се состојат од релејна опрема поставена на телекомуникациски кули и дека се користеле за поддршка на руските напади со дронови врз Украина.
Познато е дека руските нападни дронови од типот „Шахед“ се потпираат на радиокомуникациски мрежи и копнена инфраструктура за навигација при напади на големи растојанија.
„Украинската гранична служба забележа намалување на бројот на руски нападни дронови што навлегуваат во северниот регион Чернигов, додека масовните напади со дронови ‘Шахед’ долж границата меѓу Белорусија и Украина престанаа“, изјави вчера портпаролот на Државната гранична служба, Андриј Демченко.
Лукашенко, кој владее со Белорусија од 1994 година, останува еден од најблиските сојузници на Москва и ѝ обезбедува политичка и воена поддршка на Русија во текот на целата нејзина целосна инвазија врз Украина.
По ултиматумот на Зеленски, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го обвини Киев дека покажува „агресија“ и го нарушува суверенитетот на Белорусија.
Кремљ, исто така, на 22 јуни соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин и Лукашенко во блиска иднина ќе одржат средба на која ќе разговараат за предупредувањето што Зеленски му го упати на Минск.
Од Кремљ вчера дојде и соопштение дека во моментов нема договор за продолжуваање на мировните преговори со Украина.
Нема договор за продолжување на мировните преговори со Украина, велат од Кремљ


