До средината на јули ќе биде распишан тендерот за монтажни гаражи на Клинички
Од Град Скопје велат дека во финална фаза е изработката на тендерската документација за проектот за поставување катни гаражи во рамките на Клиничкиот центар, по што наредниот месец треба да биде спроведен тендерот за проектирање, набавка и монтажа на катните гаражи.
Пред околу пет месеци Градот Скопје и Министерството за здравство соопштија дека проблемот со паркирањето на комплексот клиники „Мајка Тереза“ ќе се решава со изградба на неколку монтажни гаражи сместени на постојните паркиралишта, за кои, како што ни соопштија од Градот, ќе биде распишан тендер за нивно проектирање, набавка и монтирање.
Препорачано
Столпчиња има, но голем дел се уништени
Проблемот со паркингот на Клинички постои со години, но во минатото поголеми акции од овој тип ниту беа најавувани ниту беа спроведувани. Единствено во неколку наврати се поставија метални и гумени столпчиња на повеќето тротоари, пешачки патеки и влезови во клиниките.

Денес, металните столпчиња очекувано во поголем дел се покажаа како полн погодок, освен на неколку локации каде што некој насилно ги „окторнал“ и со нив се воведе каков таков ред за паркирање, но проблемот е кај гумените столпчиња, кои од стотиците што се поставени низ комплексот, дали десетина се недопрени и неоштетени од возилата. Речиси сите пластични столбови се прегазени, уништени и откорнати, со што се потврдува фактот дека нивното монтирање било залудно трошење средства, земајќи предвид дека тие одамна ја немаат предвидената намена.
Модернизиран паркинг на Клинички
Разговорите за поставување монтажни гаражи започнаа уште додека министер за здравство беше Арбен Таравари, во чиј мандат се договараше контроверзниот проект со фирмата „Ѓока констракшн“ од Албанија, преку кој компанијата требаше да ја земе речиси целата заработка од наплатата за паркирање, додека, пак, за Министерството беа предвидени неспоредливо помали месечни добивки. Овој договор беше жестоко оспорен во јавноста, поради што и никогаш не се изведе.
По излегувањето на Таравари од Владата, неговиот наследник Азир Алиу најави модернизирање на паркирањето во „Мајка Тереза“ – нов ценовник, кју-ар кодови, резервирање паркинг-места преку апликација, како и изградба на три монтажни гаражи на два ката преку кои ќе се зголеми капацитетот на паркинзите.
Оваа најава беше потврдена и поблиску до реализирање пред околу четири месеци, кога предлогот помина на седница на Владата, по што Алиу ги соопшти проекциите за тоа како би изгледал новиот начин на паркирање.
Алиу најави дека за влегување на Клинички, ќе се воведе паметен-паркинг систем со сензори за детекција на слободни места, информативни табли, дигитален водич и камери за автоматска регистрација на возила што ќе бидат поврзани со фискален систем, а плаќањето ќе се врши преку апликацијата или во готово.
Со две нови монтажни катни гаражи треба да „стивне“ паркинг-хаосот на Клинички
На паркингот ќе може однапред да се резервира место преку апликација, а пациентите тоа ќе можат да го сторат и преку скенирање на кју-ар код што ќе го има на секој упат.
Во однос на цените на паркирањето, тој соопшти дека во план е да има четири вида плаќање паркинг за вработени, за пациенти или за посетители, додека, пак, паркирањето ќе биде бесплатно за онколошки пациенти.

Градот ќе гради две гаражи, Алиу, пак, најави три
Најпрвин градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски соопшти дека се сретнал со претставници од Министерството за здравство и се договорила изградба на две монтажни гаражи преку кои ќе се обезбедат 500 нови паркинг места на Клинички.
Со две нови монтажни катни гаражи треба да „стивне“ паркинг-хаосот на Клинички
Сепак, две недели по оваа најава, бројот на монтажни гаражи кои треба да се изградат порасна на три, откако министерот за здравство Алиу го промовираше новиот смарт-паркинг систем кој исто така уште не е имплементиран на кампусот на „Мајка Тереза“.
Како што се најави во повеќе наврати, тој тогаш истакна треба да се постават катни гаражи кај Инфективната клиника, потоа на паркингот кај ГАК и третата ќе биде кај хелиодромот, а Алиу тогаш соопшти дека очекува до јуни да се направи и нов влез во кампусот од страната на Клиниката за кардиологија.
„Катните гаражи ќе бидат поставени на три локации, едната кај Инфективната клиника, другата во близина на Клиниката за гинекологија и третата кај хелиодромот. Најголемата гаража е предвидено да е онаа кај Инфективната клиника оти таму има најмногу простор и таму ќе има и посебен влез за во комплексот клиники. Ќе се отвори и нов влез во кампусот кај Клиниката за кардиологија и Државната кардиохирургија наменет за пациенти во животозагрозувачка состојба со цел да се овозможи побрз пристап до здравствените услуги. Ова очекувам да биде готово до јуни“, рече Алиу.
Министерот додаде дека Градот ќе ги проектира и ќе ги изгради трите катни гаражи во рамките на договор што ќе биде склучен на 15 години, односно Град Скопје на располагање ќе има од 1.200 до 1.500 места.
Со две нови монтажни катни гаражи треба да „стивне“ паркинг-хаосот на Клинички
До 15 јули ќе се распише тендер
Земајќи предвид дека од најавата поминаа околу пет месеци, „Слободен печат“ испрати прашања до Градот до каде е изготвувањето на проектот и кога се очекува да започне изградбата на катните гаражи.
Од Градот информираа дека наскоро ќе биде изготвен тендерот за проектирање, набавка и монтажа на катните гаражи, кој, како што велат, треба да биде објавен во првата половина од следниот месец.
– Во финална фаза е изработката на тендерската документација за проектот за поставување катни гаражи во рамките на Клиничкиот центар. Тендерот за проектирање, набавка и монтажа на катните гаражи е планирано да биде објавен во првата половина на јули. Поради тоа, во овој момент сè уште не е распишан, бидејќи се финализира целокупната документација која е неопходна за спроведување на постапката – велат од Градот за „Слободен печат“.

Оттаму додадоа дека откако ќе заврши тендерската постапка, ќе треба да се обезбедат сите потребни одобренија. Откако ќе бидат добиени одобренијата, тогаш ќе започне изведбата на проектот, односно ќе се монтираат двете предвидени катни гаражи.
– По завршувањето на тендерската постапка ќе следува обезбедување на сите законски пропишани одобренија. Откако ќе се заврши со овие предуслови, ќе започне изведбата и монтажата на катните гаражи, а по нивното завршување тие ќе бидат ставени во функција. Постојано се работи на надоградување и унапредување на системот за кју-ар кодот, при што непречено функционираат и се достапни за користење во секое време – велат од Град Скопје за „Слободен печат“.


