Прес-конференција со лауреатката Анеке Брасинга во Струга

Брaсинга: Струшките вечери на поезијата имаат одек што трае долго по фестивалот

Холандската поетеса Анеке Брасинга, добитничка на највисокото признание „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата на прес-конференција во Струга изрази задоволство што се вброи во редот на најзначајните светски творци, добитници на наградата.

„Бев многу трогната од тоа внимание. Јас сум првиот холандски поет што ја добива оваа награда и тоа ми претставува голема чест. Со тоа се оддава почит на холандската поезија. Холандскиот јазик се зборува во една многу ограничена област. Многу поети од други култури се пренесени на холандски јазик: Данте, Шекспир, Чехов… Како мал јазик, ние секогаш се храневме од она што се создаваше на другите јазици и тоа е една од двете причини зошто бев преведувач. Таква една размена дава одредена космополитска слобода, налик на Еразмус и Спиноза и многу други“, рече Брасинга.

Поетските фестивали, како Струшките вечери на поезијата, според неа, имаат свој одек дури и многу подоцна откако ќе престанат самите настани.

„Тоа е метафора. Поезијата е сама по себе метафора на взаемното разбирање коешто оди понатаму од рационалното, до сочувството, до почитувањето во однос на сите наши борби, надвор и во нас. Секој израз е показ на нашата свест, како човечки суштества, на универзалниот јазик кој е нужен за опстанокот на цивилизацијата. И многу сум благодарна што учествувам на овој меѓународен поетски фестивал во Струга. Покрај тоа, дел од мојата поезија се преведува на вашиот јазик и е објавена овде во Македонија. Тоа ме исполнува со голема радост и со голема благодарност, затоа што претставува природен развој на еден поетски регион. Поезијата е еден вид храна за душата и тоа е она што сакав да го кажам кога ја добив информацијата за наградата“, рече Брасинга.

Холандската поетеса Анеке Брасинга, добитничка на највисокото признание „Златен венец“ на СВП

Во однос на улогата на поетските фестивали во културно фрагментираниот современ свет, истакна дека поезијата е релевантна во комуникацијата на она ниво на кое што нема условеност.

Директорот на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ Никола Кукунеш истакна дека Брасинга успеала да се наметне на европската поетска сцена, со што на сите ние коишто доаѓаме од помалите јазични заедници ни дава мотив дека и малите јазици можат да прават големи нешта на отворената голема сцена.

„Годинашното издание е во малку поинаков формат, со еден ден плус, што значи дека имаме неколку настани повеќе во споредба со минатите години. На тој начин ја враќаме славата и големината на Струшките вечери на поезијата какви што биле некогаш. И желба е таа тенденција да продолжи во иднина. Во поглед на издавачката дејност оваа година ќе биде, исто така, запаметена по еден извонреден број отпечатени книги. Станува збор за 14 книги. Дел од нив се во едицијата ‘Плејади’, монографско издание на лауреатот, како и монографии и антологии. Тоа значи дека уште еднаш покажуваме дека имаме капацитет, дека имаме желба, мотив и знаење како да ги изнесеме оние вредности кои што ни доаѓаат, меѓутоа и остануваат како отпечаток од минатите изданија на Струшките вечери“, истакна Кукунеш.

Уметничкиот директор Мите Стефоски изрази задоволство што токму творештвото на Брасинга се чествува на Фестивалот и тоа што холандската литература во целост, преку ова признание, е наградена и е ставена во фокус.

„Особено ми е мило што одлуката на Советот за доделување на ‘Златен венец’ беше едногласна и навистина сите со воодушевување ја донесовме таа одлука, очекувајќи дека конечно ќе се запише творец кој твори на холандски јазик во листата на тие претходни 64 добитници на ‘Златен венец’. Имаме чест да претставиме еден врвен творец и предизвик да се преведе еден од најплодните и најзначајните преведувачи од англиски и германски на холандски, да биде преведен на еден исто така, како што кажав, можеби мал јазик по број на говорители, но со исклучителен усет за поетското творештво. Поезијата им е веројатно многу позначајна на помалите јазици, а дотолку повеќе што ќе постојат сѐ додека се пишува поезија, додека се твори на тие јазици“, додаде Стефоски.

Во Паркот на поезијата на 24 јуни претпладне беше засадено дрво во чест на добитничката на „Златниот венец“, по што просторот го исполни поезија од сите светски меридијани, обединувајќи различни јазици и култури во еден поетски глас.

На јубилејното 65-то издание на СВП учествуваат околу 70 поети, критичари, преведувачи и литературни работници од земјава и странство, кои ќе имаат единствена можност да творат, да се инспирираат и да создаваат нови стихови покрај брегот на Охридското Езеро и водите на реката Црн Дрим во амбиент што со децении ги обединува поетите и љубителите на литературата од сите меридијани. Градот на мостовите и оваа година ќе биде светска престолнина на поезијата, место каде зборот станува мост меѓу народите, а уметноста – универзален јазик на поврзување.

Официјалното отворање на манифестацијата ќе биде вечерта на 24 јуни со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата „Т’га за југ“ во Домот на поезијата, а ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Меридијани“.

Годинешното мото на Фестивалот, кој ќе трае до 29 јуни, е „Каде што живее поeзијата“. Фестивалот и годинава е под покровителство на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, финансиран од Министерството за култура и туризам, известија од НУМ „Струшки вечери на поезијата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот