Ле Пен и Бардеља/ Фото Alain ROBERT / Sipa Press / Profimedia

Секој четврти Европеец гласа за крајнодесничарски партии, покажува ново истражување

Речиси секој четврти гласач во Европа денес гласа за крајнодесничарски партии, а нивниот удел е речиси петпати поголем отколку во средината на 1990-тите години, покажува новото истражување спроведено од повеќе од 150 политиколози во 31 европска држава, јавува Гардијан.

Според анализата, повеќе од 23 проценти од Европејците на последните национални избори гласале за крајнодесничарски партии. Пред десет години нивниот удел изнесувал околу 10 проценти, а во 1995 година само пет проценти.

Истражувањето за проектот „ПопуЛист“, предводено од Матијс Родејн од Универзитетот во Амстердам, покажува и дека денес речиси 30 проценти од Европејците гласаат за антиестаблишмент партии, што претставува нов рекорд.

„Кога во 2018 година го започнавме проектот ’ПопуЛист’, клучниот наод беше дека секој четврти Европејец гласа за популистички партии, главно од крајната левица и од крајната десница. Денес секој четврти гласа за крајнодесничарски партии, најчесто популистички. Тоа е голема промена“, изјави Родејн за Гардијан.

Јакнењето на крајната десница беше особено изразено меѓу 2023 и 2025 година. Во тој период крајнодесничарските партии остварија историски раст во големи држави како Франција, Велика Британија и Германија.

Во Австрија, Слободарската партија на Австрија го зголеми својот резултат од 16 на 29 проценти на изборите во 2024 година. Во Франција, „Национален собир“ порасна од 19 на 37 проценти и стана најголема поединечна партија во парламентот. Во Португалија, партијата „Чега“ порасна од седум на 18 проценти, додека во Велика Британија партијата „Реформа“ го зголеми резултатот од два проценти во 2019 на 14 проценти во 2024 година.

Популистичките крајнодесничарски партии денес се дел од владејачките коалиции во Хрватска, Чешка, Италија и во Финска, ја поддржуваат десничарската малцинска влада во Шведска и водат во анкетите во Австрија, Белгија, Франција, Германија и во Велика Британија, посочува Гардијан.

Француската крајна десница се согласува со Трамп за судбината на Европа

Сепак, некои партии неодамна забележаа пад. Меѓу нив е холандската Партија за слобода на Герт Вилдерс, која минатата година изгуби речиси една третина од пратеничките места, како и партијата „Фидес“ на Виктор Орбан, која беше поразена на изборите во април.

Последното истражување на „ПопуЛист“ идентификуваше 133 крајнодесничарски партии во Европа, во споредба со 112 во 2003 година. Регистрирани се и 65 крајнолевичарски партии, при што речиси сите се класифицирани како популистички.

Според Родејн, зад јакнењето на крајната десница стојат повеќе фактори. Еден од нив е што ставовите на избирачите за прашања како имиграцијата не само што не се промениле, туку станале уште поважни.

Тој посочува и дека крајнодесничарските партии постепено се „нормализирале“.

„Колку се поголеми и поуспешни, толку стануваат понормални. Во тоа помагаат медиумите и мејнстрим партиите кои прифаќаат дел од нивните идеи“, рече Родејн.

Според него, овие партии се и исклучително успешни во обликувањето на политичките пораки, кои најчесто се засноваат на поделба меѓу „внатрешна“ и „надворешна“ група.

Истражувачите наведуваат дека популизмот општеството го дели на „обични луѓе“ и на „корумпирана елита“. Поддржувачите го сметаат за демократски коректив, додека критичарите предупредуваат дека популистите на власт често ги поткопуваат демократските норми.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот