Фото: Илустрација / Икс

ЕУ за првпат прими талибанска делегација за да се забрзаат депортациите на Авганистанци

Претставници на Европската комисија вчера дискретно се сретнаа со делегација на талибанците, со цел да се забрза депортацијата на авганистански мигранти, објави „Ројтерс“.

Состанокот во Брисел, чии детали и локација не беа објавени, беше остро критикуван од прогресивни пратеници и од организации на граѓанското општество поради соработката со авторитарен режим кој редовно ги крши човековите права.

ЕУ и нејзините земји-членки не ја признаваат владата на талибанците откако милитантната група се врати на власт пред пет години, по 20 години војна против владата поддржана од силите на НАТО предводени од САД.

Сепак, Брисел ја брани својата одлука да одржува ограничени разговори со „де факто властите“ на Авганистан како неопходни за депортација на одбиени баратели на азил кои извршиле кривични дела или се сметаат за опасни.

Портпарол на извршната власт на ЕУ, Европската комисија, изјави дека на состанокот во Брисел присуствувале претставници на Комисијата и на 15 земји-членки, како продолжение на претходен состанок одржан во Кабул во јануари.

Политико: Германија се обидува да ги легитимизира Талибанците во замена за депортација на мигранти

Портпаролот на авганистанското Министерството за надворешни работи, Абдул Кахар Балки, изјави дека агендата била поширока и дека вклучувала можно конзуларно присуство во ЕУ, обновување на конзуларните услуги за Авганистанците таму и „потреба од мерки за градење доверба“.

Во писмо на Комисијата до Балки, се наведува дека разговорите ќе се фокусираат на „враќањето на авганистански државјани без право на престој во ЕУ“.

Посетата беше остро критикувана од организации за човекови права и од неколку европски политичари, кои предупредија дека ваквиот ангажман може да ги доведе Авганистанците во ризик и да ги поткопа основните вредности на ЕУ.

„Европа не смее да легитимира режим одговорен за една од најтешките кризи со човекови права во светот“, изјави добитничката на Нобелова награда за мир Малала Јусафзаи, пакистанска активистка за образование на девојчиња, во објава на „X“.

Освен прашањето на легитимитет, состанокот е спорен и поради можните последици.

„Најочигледната и најопасната последица е дека Авганистанци ќе бидат вратени од ЕУ и по враќањето ќе се соочат со прогон од талибанците“, изјави Џеф Крисп, поранешен раководител за развој на политики во УНХЦР и истражувач на Универзитетот Оксфорд.

Министерството за надворешни работи на Белгија издаде виза која им дозволила на авганистанските претставници да влезат во земјата само за еден ден, со ограничување на нивното присуство само на белгиска територија.

Авганистан под Талибанците: Девет од 10 семејства се гладни или во долгови

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот