Америка воведе нови санкции за Куба
САД вчера воведоа нови санкции против кубански државни компании, за кои аналитичарите оценуваат дека би можеле да ги исплашат странските инвеститори и да ја продлабочат сериозната економска криза во земјата, објави „Асошијатед прес“.
Препорачано
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека санкциите таргетираат пет кубански фирми.
Три од нив се поврзани со деловниот конгломерат „ГАЕСА“, кој е управуван од Револуционерните вооружени сили на Куба, и за кој се смета дека контролира речиси 40 проценти од бруто домашниот производ на Куба.
До почетокот на 2024 година, тој располагал со 14,5 милијарди долари ликвидни резерви.
„Ситуацијата во Куба се влошува додека корумпираниот, брутален и антиамерикански комунистички режим продолжува да дава приоритет на сопствената целосна контрола наместо на слободата, на можностите и на основната благосостојба на кубанскиот народ“, напиша Рубио на „X“.
Рубио, син на кубански имигранти, ги обвини „елитите на режимот“ дека ја користат „ГАЕСА“ за да „ги крадат малкуте ресурси на островот“.
Министерот за надворешни работи на Куба, Бруно Родригез, ги критикуваше санкциите, нарекувајќи го Рубио „нечесен и лажлив“.
Секој што обезбедува услуги за таргетираните кубански ентитети ризикува да биде санкциониран и исклучен од американскиот финансиски систем.
„Со означувањето на конкретни фирми, тие јасно им ставаат до знаење на странските инвеститори: ‘Ако вашиот бизнис во Куба има допир со овие ентитети, ризикувате да бидете санкционирани’. За повеќето од нив, ова е премногу голем ризик“, изјави Мајкл Бустаманте, професор и претседател на студии за Куба и кубанско-американска заедница на Универзитетот во Мајами.
САД воведоа нови санкции врз кубанскиот претседател и членови на семејството Кастро
Петте санкционирани ентитети се клучни за кубанската економија
Компанијата „Алмасенес универсалес“, или „АУСА“, е меѓу санкционираните ентитети. Како главна државна логистичка и складишна компанија, таа го одржува системот за извоз и увоз на Куба и е главен оператор во пристаништето Мариел, западно од Хавана.
Таа е и главен складишен оператор што го користат државата, приватниот сектор на Куба и странските инвеститори.
Минатата недела Куба најави серија економски реформи, меѓу кои и дозвола за приватниот сектор да ги заобиколи државните институции при увоз на стоки. Но Бустаманте рече дека таа мерка сè уште не е активна.
Ако луѓе или компании почнат да избегнуваат соработка со овие складишни ентитети, тоа би можело да го наруши протокот на стоки и да предизвика хуманитарни последици.
Под санкции е и „Рафин“, за која Бустаманте верува дека функционира како корпоративно-финансиска рака на „ГАЕСА“. Тој објасни дека копманијата не е банка, но управува со пари од владата и од „ГАЕСА“ и може да учествува во финансиски зделки.
„Тоа исто така би можело дополнително да ги обесхрабри странските инвеститори кои веќе се таму“, рече Бустаманте.
Третиот ентитет поврзан со „ГАЕСА“ што е санкциониран е „Банко Финансиеро Интернасионал“, комерцијална банка која, според Бустаманте, е клучна институција за странските инвеститори.
Макс Меизлиш, поранешен службеник за спроведување санкции во американското Министерство за финансии, рече дека банката е таргетирана затоа што е „клучна точка“ за средствата поврзани со „ГАЕСА“.
Санкционирани се и „Геоминара“, државна рударска компанија, како и „Емпреса Сидерурџика Хосе Марти“, која САД ја опишаа како најголем производител на суров челик во Куба.
Последната санкција е воведена против Анали Лилијам Руеда Кардеро, снаа на поранешниот претседател Раул Кастро.


