Праизведба на „Патот на Баба Јага“ ќе се одржи во Театарот за деца и младинци во Скопје
Театарот за деца и младинци (ТДМ) на прес-конференција ја најави праизведбата на претставата „Патот на Баба Јага“, која ќе се одржи на 24 јуни на сцената во ТДМ, а првата реприза ќе ја има на 25 јуни во рамки на програмата на фестивалот „Скопско лето“.
Препорачано
Претставата „Патот на Баба Јага“ е во режија на Хана Миленковска, според авторскиот текст на Хана Корнети и со музика од Ади Имери. Миленковска, Корнети и Имери, исто така, заедно ги пишуваат текстовите за песните во претставата.
Во претставата играат Никола Наковски, Анастасија Ласовска, Симона Спировска, Емра Куртишова Стојанова, Петар Стојанов и Изабела Новотни, со кореографија од Бобан Русески, костимографија од Иван Ивановиќ и сценографија од Кирил Василев.
За дваесет и четири часа, принцот Ефтим ќе стане крал. Но, спротивно од желбите на своите родители, Ефтим не сака да биде крал, туку сака да биде поет! Наместо да им каже на родителите, бескрајно ѝ кука на сестра му, Евгенија, и наместо да се соочи со стравот, наоѓа магија – или можеби клетва – и не сакајќи се претвора во кукавица.
За среќа, има една единствена жена – пардон, вештерка – која може да му помогне на Ефтим да се врати во човечка форма, а тоа е Баба Јага. Тука почнува патешествие каде потрагата кон човечкото се претвора во потрага по себе, желбата за својот успех се претвора во желба за успехот на заедницата, а линијата помеѓу човекот и природата се открива дека е само илузија.
Низ оваа духовита, стрмоглава авантура според македонски авторски текст, раскажана не само низ ликови туку и низ комплексни, развиени карактери, со автентични режисерски решенија кои оставаат простор за емоционалната тежина да дојде до израз, жанровски збогатена со оригинални песни кои се инстант-хитови, танц кој го доградува изразот на секој актер, учиме сите, и големи и мали, дека додека живееме во овој убав, но и страшен свет, мора да сме свои, бидејќи „светот е цел кога ти си цел во него“.

Режисерката Миленковска го истакнува моментот на праизведба на македонски драмски текст за деца и можноста со авторката Хана Корнети на самата сцена да создадат театарската приказна. Идејата за текстот Корнети ја имала уште од 2018 година, а сега се појавила ситуација за негово поставување како нејзин прв драмски текст на сцена.
Во текстот има повеќе тематски линии кои се однесуваат на потрагата по личниот идентитет, грижата за екологијата, како и таа дека во свет во кој децата се раѓаат со дигитални алатки во рацете треба да им се покаже дека работите не се толку едноставни и дека треба многу труд, време и страдање.
– Живееме во свет во кој се уништува сѐ што е убаво и во човекот и во природата, а претставата е покана да го побараме убавото во себе – истакнува авторката на текстот Хана Корнети.
Актерската екипа едногласно истакнува дека претставата е направена за да биде гледана и од децата и од нивните родители и на тој начин да се обиде да го промени светот во кој живееме. Во процесот на подготовка на претставата и самите пораснале и созреале со темите што ги разработува текстот.
Приказната за Баба Јага е дел од народното творештво и затоа актерката Симона Спировска посочува дека претставата отвора повеќе слоеви за комуникација со младата публика и истовремено се откриваат слоевите на народното творештво.
Ликот на Баба Јага е олицетворение на природата и на женскиот принцип, вештерка која има моќ да уништи сѐ, но во претставата таа ја користи својата моќ за да создаде сѐ.
Екипата на претставата упатува покана и до децата и до нивните родители заедно да дојдат и да го посведочат чинот на изведбата на оваа најнова продукција на Театарот за деца и младинци во Скопје.


