Книжевен портрет во македонскиот КИЦ во Загреб

Во македонскиот КИЦ во Загреб се одржа книжевен портрет на Снежана Младеновска Анѓелков и Игор Анѓелков

Во пријатна и инспиративна атмосфера, пред многубројни љубители на книжевноста, писатели, студенти и професори од Филозофскиот факултет во Загреб, како и претставници на културниот живот во Хрватска, во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб на 19 јуни се одржа книжевна вечер посветена на современата македонска книжевност и на авторите Снежана Младеновска Анѓелков и Игор Анѓелков.

Творештвото на Снежана Младеновска Анѓелков и Игор Анѓелков, препознаено и од книжевната критика и од читателската публика, претставува значаен придонес за современата македонска книжевност и за нејзината афирмација надвор од националните граници.

Публиката имаше можност непосредно да се запознае со книжевните патишта на авторите, нивните творечки искуства и размислувања поврзани со креативниот книжевен процес. Разговорот го водеше реномираната преведувачка, книжевна промоторка и уметничка директорка на фестивалот „Причигин“, Патриција Хорват. Нејзината долгогодишна посветеност на книжевноста, книжевното преведување и на културната промоција претставуваат вреден придонес во поврзувањето на авторите и читателите од различни јазични и културни средини.

Во динамичниот и интересен разговор, посебно беше истакнат фактот што двајцата автори во различни свои творечки периоди престојуваа на книжевни резиденции во Хрватска, во Пазин и Сплит. При овие книжевни престои создадени се делови од нивните најзначајни книжевни дела. Токму со ова, се создаваат книжевни и културни врски кои претставуваат мост меѓу двете земји и ја потврдуваат блискоста и постоечката плодна соработка меѓу македонската и хрватската книжевна сцена.

Снежана Младеновска Анѓелков, Мими Ѓоргоска Илиевска, Патриција Хорват и Игор Анѓелков

Во своето обраќање, директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, истакна дека „преку книжевноста, уметноста, музиката, филмот и другите облици на творештво се градат трајни пријателства, се премостуваат границите и се создава простор за меѓусебно разбирање и почитување. Токму затоа секој ваков настан претставува значаен придонес за продлабочувањето на културните врски меѓу Македонија и Хрватска, како и за промоцијата на современите македонски автори на меѓународната сцена.“

Настанот беше реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам во рамките на годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, уште еднаш потврдувајќи ја важноста на културната дипломатија, книжевната размена и меѓусебното културно поврзување како темели на успешната соработка меѓу Македонија и Хрватска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот