Тамара Стојаноска / Мирко Радоњиќ

Театарот „Златен Елец“ ги подготвува двете нови претстави „Свињи“ и „Теорема“

Независниот театар „Златен Елец“ во овој период ги подготвува дуодрамата „Свињи“ од Томислав Зајец во режија и адаптација на Тамара Стојаноска и претставата „Теорема“ од Пјер Паоло Пазолини во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ.

Дуодрамата „Свињи“ од Томислав Зајец е во копродукција помеѓу Театар „Златен Елец“ и Центарот за култура во Битола. Во претставата играат актерките Илина Чоревска и Викторија Степановска Јанкуловска, музиката е на Лука Тошев, а извршен продуцент на претставата е Бобан Алексоски.

– „Свињи“ е уникатна и иронична драма, која преку комбинација на апсурд, црн хумор и гротеска, го отвора прашањето за моќта, смислата, одговорноста, самотијата и бегството од реалноста. Ликовите, иако затворени во својот свет, ја рефлектираат нашата општествена потреба за контролирање на другите, за проектирање на неуспеси и за создавање паралелни реалности во кои насилството се перципира како нужност, а не како зло. Делото се смета за една од најизведуваните драми на Томислав Зајец и важен дел од современиот хрватски драмски канон. Претставата не само што ни раскажува една навидум комична приказна за две сестри, туку и ќе бара одговори на многу суштински прашања поврзани со човековото постоење. Оваа приказна не е обид да се осудува, туку да се разбере, се обидува да покаже како се раѓа насилство во свет што со генерации оди по истиот насилен пат без длабоки и суштински промени и практикување на емпатија, отворајќи го прашањето: Што значи да се биде човек во еден систем што се однесува како фарма? „Свињи“ не е само драма или обичен комичен текст со апсурдни елементи – тоа е еден вид егзистенцијална состојба – истакнува режисерката Тамара Стојаноска во својата експликација за претставата.

Подготовките на претставата „Теорема“ од Пјер Паоло Пазолини во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ се одвиваат во Скопје. Во претставата играат актерите Златко Митрески, Бобан Алексоски, Бранко Михајлоски, Ана Јовановска, Леонида Гулевска и Стефан Вујисиќ. Драматург е Ева Камчевска, а костимите се на Лина Лековиќ.

Премиерата на „Теорема“ е најавена на 2 јули во Младинскиот културен центар во Скопје, а на 3 јули ќе има премиера на отворено во Сули ан во рамките на „Скопско лето“. Претставата е финансирана од „Хартефакт“ во рамките на проектот „Култура за развој“, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за култура и туризам.

– Пјер Паоло Пазолини и неговата „Теорема“ за првпат се работат во македонски театар, воопшто. Пазолини бил еден од највлијателните интелектуалци во повоена Италија – иако многумина надвор од Италија го познавале само како одличен филмски автор, тој е еден од најголемите италијански поети на својата генерација. Но, тој бил и романсиер, драматург, литературен критичар, политички колумнист и сликар. Во 1968 година Пазолини го снимил филмот „Теорема“, пишувајќи роман во исто време и со исто име. И двете дела, пресликувајќи се едно со друго, се потпираат на наративот на мистериозното. Мистериозниот посетител се појавува во животите на едно типично буржоаско италијанско семејство. Енигматичниот странец ги заведува сите членови на семејството: слугинката, синот, мајката, ќерката и таткото. Инаку, еднакво необјасниво како што влегол во нивните животи – така и заминал, а секого од нив го остава поединечно да се соочува со неговото отсуство: пеколот на сопственото постоење или можноста за избавување. Според самиот Пазолини, ова дело е парабола, а според теоријата – рефлексија на напорите на авторот да се соочи (и помири) со своите христијански, марксистички и фројдовски размислувања – објаснува координаторот на проектот Бобан Алексоски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 336, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот