Поради поправки на трасата за градски воз, од 22 јуни до 1 јули нема да има возови од Скопје до Велес, Гевгелија и Битола
Овие десет дена во Македонија ќе сообраќаат само двата патнички воза, утринскиот и пладневниот кон Куманово и исто толку назад кон Скопје.
Од 22 јуни до 1 јули нема да сообраќа ниту еден патнички воз од Скопјe во правец кон Велес, Гевгелија и Битола, бидејќи ќе се изведуваат градежни работи за потребите на проектот Градски воз, информираат од ЈП „Македонски железници“.
Препорачано
„Поради изведување на завршните градежни работи на пругата Скопје-Велес, на делницата од станица Скопје до станица Зелениково за потребите на проектот „Градски воз“, привремено од 22.6.2026 до 1.7.2026 година, нема да сообраќаат возовите“, соопштија од Јавното претпријатие Македонски железници-Инфраструктура.
Нема да сообраќа дури ни патничкиот воз кој напладне сообраќаше од Битола во 12:46 часот и веднаш по пристигнувањето во Велес во 15:25 се враќаше назад, иако не ја минува релацијата која се реконструира Скопје-Зелениково.
Овие десет дена во Македонија ќе сообраќаат само двата патнички воза, утринскиот и пладневниот кон Куманово и исто толку назад кон Скопје.
Од Македонски железници последно информираа дека на 1 септември ќе профункционира една од трасите на градскиот воз, кој ќе сообраќа од Миладиновци, преку Илинден и Маџари, до Транспортен центар.


