Фото: Pexels / Heitor Verdi

ФОТО | Жена која 25 години пиела по 15 виски дневно објасни како престанала

Мелиса Бурк, мајка на две деца, открила дека по 25 години секојдневно пиење големи количини алкохол, успеала целосно да го промени својот живот. Четириесет и четиригодишна Австралијанка од Мелбурн, која порано пиела и до десетина чаши виски дневно, денес го опишува алкохолот како „отров“ и сака да ги поттикне другите да не дозволат тој да им управува со животот, пишува „Дејли мејл“.

Почетоци на зависноста во тинејџерските години

Мелиса споделила како патот од шише бурбон „Џим Бим“ што секогаш го имала при рака до целосна апстиненција бил долг. Алкохолот станал дел од нејзиниот секојдневен живот уште на 17-годишна возраст, кога по смената во железарија се „наградувала“ себеси со неколку чаши виски.

„Мислев дека тоа е сосема нормално. Татко ми пиеше секој ден, а сите мои пријатели се опиваа за викенд“, рекла таа.

На почетокот пиела дома со семејството, а на 18 години почнала да излегува во барови и пабови.

Маѓепсан круг на анксиозност и депресија

Следната година, ѝ  дале лекови за анксиозност и депресија, но тогаш не била свесна дека токму алкохолот во голема мерка придонел за тие проблеми. Продолжила да пие, верувајќи дека тоа ѝ помага, иако нејзиното ментално здравје се влошувало.

До 25-годишна возраст, анксиозноста ескалирала во напади на паника. Почнала да оди на терапија, но и понатаму пиела по десетина чаши бурбон секој ден.

„Бев заробена во маѓепсан круг бидејќи алкохолот ме правеше анксиозна, а потоа го користев за да ја намалам таа анксиозност“, објаснила таа.

Мелиса додала дека честопати била „доста пијана“, но сепак успевала да функционира.

Мајчинство и враќање на старите навики

Престанала да пие кога забременила со првото дете. Вели дека тогаш ѝ било „лесно“ да престане бидејќи знаела дека мора да се грижи за некој што е поважен од себе. Но, шест недели по породувањето, анксиозноста и депресијата се вратиле и таа повторно посегнала по алкохолот.

Нејзината зависност дополнително се влошила по спонтаниот абортус на 28-годишна возраст. Четири години подоцна го родила второто дете, но набргу потоа повторно почнала да пие.

„Во текот на двете бремености лесно престанав да пијам, па не мислев дека имам проблем, особено затоа што никогаш немав кризи на физичка апстиненција. Секогаш бев добра мајка и децата ми беа на прво место, но не се сеќавам на поголемиот дел од нивното детство бидејќи никогаш не бев целосно присутна“, речкла Мелиса.

По разводот на бракот долг 17-години, таа почнала да пие и до 15 чаши виски дневно.

Пресвртница и „репрограмирање на мозокот“

Вистинскиот аларм се случил кога се обидела да направи пауза и сфатила дека не може да издржи повеќе од 48 часа без алкохол. Потоа станала свесна за степенот на зависноста.

Во тој период, таа почнала да се дружи со луѓе кои исто така многу пиеле па го запознала својот втор сопруг, Даниел Бурк, кој исто така имал проблем со алкохолот.

Загрижена за насоката во која се движат, таа почнала да истражува за зависности и дошла до заклучок дека алкохолот е коренот на нејзините проблеми со менталното здравје. Во 2020 година, таа одлучила да престане и го започнала процесот на постепено менување на своите навики.

„Научив да го регулирам мојот нервен систем, да практикувам благодарност и да работам на самодовербата. Потоа успеав да престанам да пијам. Работев на сè, од медитација и свесност до дишење, јога, тапкање, хипнотички снимки и ментални вежби“, објаснила таа.

Нова мисија: помагање на другите

„Ја решив причината за проблемот и сега го сметам алкохолот за отров. Воопшто не ме интересира повеќе. Мојата мисија е да ја ширам свеста за зависноста и да им помагам на другите“, рекла таа.

Заедно со сопругот ја покренала онлајн програмата Rewired Recovery. Програмата се базира на менување на моделите на однесување и начините на размислување, односно „репрограмирање“ на навиките поврзани со зависноста. Досега, тврди таа, им помогнала на стотици луѓе.

Мелиса целосно престанала да пие во 2024 година, откако некое време уште повремено консумирала алкохол во посебни пригоди.

За крај, таа испратила порака до сите што се борат со истиот проблем.

„Не обидувајте се само да престанете да пиете, пронајдете ја причината за вашето пиење и работете на тоа. Секој пие од некоја причина. Јас го ставам алкохолот во иста категорија со дрогата и мислам дека уништува повеќе семејства и животи отколку многу нелегални супстанции и лекови заедно. За тоа не се зборува доволно, но јас ќе зборувам за тоа“, заклучила таа.

И малите количини алкохол можат да му наштетат на мозокот, покажува ново истражување

Зошто алкохолот нè „погодува“ посилно како што старееме и зошто и една чаша може да предизвика вртоглавица?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот