Забележани на Тасос и Ситонија — што да направите ако ве касне медуза, риба-пајак или зајачка усна
Сезоната на летни одмори е во полн ек, а прекрасните плажи во Грција се преплавени со туристи. Сепак, невнимателниот чекор во плитко може да го претвори одморот во кошмар. Популарниот блог за туристи „Никана.гр“ објави детален водич за опасностите што демнат од морето, а ние ви ги пренесуваме клучните совети за тоа како да реагирате ако наидете на несакани морски жители.
Препорачано
Експертите смируваат и нагласуваат дека убодите од овие риби се, всушност, многу ретки и дека нема потреба од страв, но претпазливоста и соодветната прва помош се клучни за брзо закрепнување.
Рибата-пајак (Дракена): Неподнослива болка која ја решава топлината
Оваа неугледна риба со големина до 10 сантиметри, со боја на песок, најчесто се крие во плитките води на популарните плажи како што се „Парадајз“ и „Алики“ на Тасос. На грбот има црни боцки, преку кои испушта силен отров во телото на жртвата.
Морски пајак, риба-пајак
Здравствените работници од Домот за здравје на Ситонија објаснуваат дека отровот на оваа риба предизвикува ужасна, остра и неподнослива болка, која врвот го достигнува половина час по убодот.
Убодот се решава со едноставен трик, бидејќи отровот на рибата-пајак е термолабилен, што значи дека високата температура успешно го неутрализира. Најефикасната прва помош е повреденото стапало што побрзо да го потопите во потопла вода, односно онолку жешка колку што можете да издржите, а да не се изгорите, и тоа најмалку час и половина. Ако се наоѓате на дива плажа каде што немате топла вода, „Никана.гр“ пренесува дека за оваа намена може да послужи и жежок песок или дури топол ауспух од моторот. Топлината брзо ќе го неутрализира дејството на отровот, по што и болката ќе исчезне.
Медузи – заборавете на слатката вода
Медузите обично се појавуваат во јата, а нивните пипала се покриени со жаречки клетки, кои вбризгуваат отров во кожата предизвикувајќи остра болка, печење и изгореници.

По средбата со медуза, најважно е да останете смирени и веднаш да излезете од водата. Местото на печење треба да се исплакне исклучиво со морска вода, додека слатка вода никако не смее да се користи бидејќи таа само ги влошува симптомите. За плакнење можат да послужат оцет, вино, ракија или дури и урина, бидејќи е богата со амонијак, која го неутрализира отровот.
Раната не треба да се допира со голи раце за повторно да не се изгорите од остатоците од пипалата.
Најдобро е повреденото место да се покрие со морски песок, а потоа нежно да се изгребат остатоците од пипалата со тапата страна на нож или картичка, како што е лична карта или кредитна. Потоа, се препорачува да се премачка со средство што се користи по каснување, кое ги ублажува отокот и болката.
Морски ежови – оцет како најдобар сојузник
Морските ежови генерално избираат карпести делови од брегот и ги нема во песокот. Кога некој ќе стапне на еж, неговите боцки се кршат и остануваат длабоко во кожата, што може да предизвика црвенило, оток и посериозни бактериски инфекции.

Експертите советуваат да не се обидувате сами да ги извадите боцките со игла на плажа, бидејќи така можете да внесете дополнителни бактерии и да ја влошите состојбата. Како прва помош најдобро служи обичниот кујнски оцет. Потребно е да се потопи местото на убодот во оцет или да се ставаат облоги од оцет, бидејќи тоа помага кожата да омекне, по што боцките многу полесно сами излегуваат или безбедно се отстрануваат кај лекар. Пред тоа, пожелно е местото на убодот да се дезинфицира со алкохол.
Нови инвазивни видови – риба лагоцефалос (зајачка усна)
Во последниве години, во грчките мориња е забележано зголемено присуство на инвазивен вид
познат како лагоцефалос, кај народот познат како зајачка усна поради специфичниот изглед на вилицата што потсетува на клун.

Грчкиот Црвен крст издаде важно предупредување, во кое се нагласува дека оваа риба содржи исклучително моќен невротоксин. Ниту еден дел од оваа риба не е безбеден за јадење и нејзиното консумирање може да биде смртоносно, па затоа рибарите никако не смеат да ја приготвуваат за храна.
Самото каснување од оваа риба не е токсично, но поради нејзината исклучително силна вилица, може да предизвика сериозни повреди, длабоки рани и обилно крвавење. Во случај на каснување, потребно е веднаш да се измие раната со многу чиста вода и сапун, а потоа цврсто да се притисне раната со чиста газа или со крпа за да се запре крвавењето. Повредената рака или нога треба да се држи подигната и веднаш да се побара медицинска помош за да се примени тетанус и евентуално да се зашие раната. Ако инцидентот се случи на оддалечена плажа, веднаш треба да се повика европскиот број за итни случаи 112.
Колку е опасна рибата што се појави во Грција и во Јадранот?
ВИДЕО | Илјадници медузи го преплавија морето на популарна плажа во Грција


