ВИДЕО | Роберт Де Ниро: Не можам да сакам земја која води глупави и нехумани војни, земја што ја предводи Трамп
Холивудската легенда Роберт Де Ниро повторно упати жестоки критики кон американскиот претседател Доналд Трамп, изјавувајќи дека САД повеќе не е земја која може да ја сака додека тој е на власт. За време на настанот „Rise Up, Sing Out“ во Њујорк, 82-годишниот актер пред присутната публика ја спореди љубовта кон Америка под водство на Трамп со токсична и насилна врска.
Препорачано
„Нашата земја моментално не е толку вредна за љубов. Не ми се допаѓа што го кажувам ова, но да ја сакаш нашата земја денес звучи исто како кога жртва на насилство вели дека си го сака злоставувачот“, изјави Де Ниро.
„Не можам да сакам земја што води глупави војни“
Актерот остро ја критикуваше администрацијата на Трамп, осудувајќи ја американската надворешна политика, имиграциските закони и здравствениот систем. Тој воопшто не штедеше зборови, нарекувајќи го претседателот расист, мизогинист и ксенофобичен тиранин.
„Не можам да сакам земја која започнува глупави и нехумани војни. Не можам да сакам земја која им ја одзема здравствената заштита на милиони луѓе за да ги збогати пријателите од класата на Трамп и Епстајн. Не можам да сакам земја која праќа маскирани полицајци да пукаат кон граѓаните на улица и разделуваат семејства. Дозволете ми да го кажам само ова: Не можам да ја сакам земјата што ја води Доналд Трамп“.
Неговиот говор предизвика долг аплауз и овации во салата. Сепак, Де Ниро нагласи дека неговата огромна фрустрација всушност произлегува од неговата длабока приврзаност кон татковината.
„Поголемиот дел од мојот живот ја сакав оваа земја. Таа ги пречека моите предци имигранти и ни даде богати можности и слободи. Сакам повторно да ја сакам својата земја. Сакам да си ја вратам земјата“, порача актерот.
На настанот присуствуваа и други големи холивудски ѕвезди, меѓу кои Џејн Фонда и Џулија Робертс. Робертс одржа емотивен говор во кој ги повика граѓаните да не ги игнорираат вестите колку и да се тешки, и ѝ оддаде почит на Рене Никол Гуд, американска државјанка која трагично настрада од американската имиграциска служба (ICE).
Инаку, ова не е првпат холивудската легенда отворено да го критикува Доналд Трамп. Јавноста се сеќава и на неговиот настап на „Тони“ наградите, кога од сцената кратко изјави „Fu*k Trump“, што предизвика бурни реакции и овации во салата. Снимката подоцна се прошири на социјалните мрежи и стана вирална.
ВИДЕО | Роберт де Ниро повика на отпор кон Доналд Трамп: „Тој е непријател на Америка“


