Благица Павловска и Антониа Гиговска / Фото: Фејсбук/Антониа Гиговска

„Само успешен човек не е искомплексиран“: Гиговска по дуетот со Благица Павловска ги коментира реакциите

„Само успешен човек не е искомплексиран“, рече Антониа Гиговска и искрено раскажа какви биле реакциите на колегите од естрадата по нејзиниот дует со Благица Павловска.

Антониа, заедно со сопругот Роберт Спасенцовски – Џокер и со фолк-ѕвездата Благица Павловска, гостуваше во емисијата „Вечер по осум“. Повод за гостувањето беше нивниот најнов заеднички проект – модерната преработка на хитот „Чукај срце“.

Проектот веќе предизвика голем интерес во јавноста, а младите музичари отворено зборуваа за процесот на создавање на албумот и за тоа како се справуваат со коментарите од публиката и од колегите.

На прашањето од водителот Миро Кацаров какви реакции добила од колегите, поп-пејачката рече: „Не сум слушнала никакви реакции.“

Кацаров заклучи дека можеби не реагираат од љубомора.

„Ова е нешто сосема поразлично и беше нормално, и сосема очекувано, да има и позитивни и негативни реакции. Тоа и беше нашата цел, дефинитивно. Затоа и го направивме албумот „Жена“, за секој слушател да си одбере што сака да слуша, што сака да гледа, што му прифаќа увото, а што не. Многу е нормално да има и позитивни и негативни коментари, и треба да има“, рече Антониа.

Благица Павловска и Антониа Гиговска / Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Гиговска не штедеше пофални зборови за својот сопруг Роберт, откривајќи дека тој е главниот двигател зад целиот албум, кој вклучува дури шест нови видеоспотови.

„Иницијаторот за албумот, за сите идеи поврзани со него, за песните, спотовите и реализацијата на самата промоција беше токму тој“, рече Антониа.

Водителот на емисијата, Миро Кацаров, сподели интересна приказна од зад сцената на големите регионални концерти. Тој го истакна огромниот талент на Антониа, кој ги оставил без зборови и најголемите балкански ѕвезди.

„Ние се дружевме претходно. Имавме концерт со Ацо Пејовиќ и концерт со Петар Грашо. Приватно се дружиме – јас, Петар Грашо, Ацо Пејовиќ и Антониа Гиговска. Замислете ги тие големини. Ацо е пејач, Петар е пејач. Седнуваме во кафеана. Нормално, сите се околу Ацо, легенда. Тој вели: ‘Јас нема да ја пеам првата песна, ќе ѝ го дадам местото на Антониа Гиговска.’ Пеење, наежување! И сите од Ацо буквално се свртеа кон Антониа, а Ацо го снема! Потоа Петар Грашо шест пати ја остави Антониа Гиговска, исто така во ресторан по концерт, таа да пее. Вели: ‘Луѓе, видете сега, слушнете како пее! Дајте нека пее, јас досега пеев, дајте девојчево да пее, да нè наежи!’“

На овие зборови на водителот, Антониа скромно и низ насмевка одговори: „Фала ти, Миро, на комплиментот. Како што реков претходно, успешните луѓе не се искомплексирани.“

Со оваа изјава таа се надоврза на она што претходно го кажа Благица Павловска – дека и покрај нејзината долгогодишна кариера и успеси, таа нема комплекси и сака да им даде простор и предност на младите.

ФОТО+ВИДЕО | Антониа Гиговска: Наскоро ќе има концерт за албумот „Жена“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот