Маја Оџаклиевска / Фото: Фејсбук/Маја Оџаклиевска

Маја Оџаклиевска сподели емотивна фотографија со аутистичниот внук Лука

Маја Оџаклиевска сподели ретка фотографија од својот внук Лука, кој денес е сместен во специјализирана установа.

Легендарната пејачка ги разнежни срцата на јавноста со својата последна објава на социјалните мрежи. Таа сподели колаж од две фотографии со својот внук Лука, син на нејзината ќерка Теа, прикажувајќи го неговото растење низ годините.

„11 години подоцна… мојата душа порасна, а и понатаму е момченце“, напиша Маја.

На фотографиите се гледа Лука како мало дете во 2015 година, а веднаш под неа и понова фотографија во прегратките на неговата баба.

Фото: Скриншот/Инстаграм

Како што Оџаклиевска во повеќе наврати има зборувано, на Лука уште на многу мала возраст му бил дијагностициран аутизам. Од тој момент, Маја свесно одлучила да ја стави музичката кариера во втор план и целосно да му се посвети.

Во своите искрени интервјуа, таа никогаш не криела со какви предизвици се соочува семејството, отворено зборувајќи за потребата од подигнување на свеста за аутизмот на Балканот. Со цел да му овозможи помирен живот и подобар развој, далеку од градскиот метеж, Маја пред неколку години се преселила на село, во природа. Таму, како што самата велеше, Лука се чувствувал најслободно.

Како јавна личност, таа често укажуваше и на недостигот од институционална поддршка за децата и лицата со аутизам.

Како што минувало времето, Лука пораснал во 16-годишно момче и влегол во специфичен и тежок период од пубертетот. Во своите понови интервјуа, Маја отворено зборуваше за тешката, но неопходна одлука – Лука денес да биде сместен во специјализиран дом во Стамница, во близина на Петровац на Млава.

Пејачката објасни дека поради возраста веќе нема физичка сила сама да се справува со кризите и испадите што се појавуваат како дел од неговиот развој и пубертет.

„Проблемот во моите години е да ја стишам неговата бујна агресија, со оглед на тоа што е во пубертет и е многу посилен. Тој понекогаш спорадично напаѓа и луѓе, а јас не можам да го запрам бидејќи веќе истрчал 20 метри пред мене. Поради тоа, за жал, Лука е сместен во дом“, раскажа Маја.

Таа исто така апелираше за подобра грижа и поголем број вработени во ваквите установи, со цел да им се помогне на сите деца и семејства што се соочуваат со слични предизвици.

Иако Лука сега живее во специјализирана установа, Маја редовно го посетува секоја недела и му ја носи неговата омилена храна. Кога правилата на установата го дозволуваат тоа, бабата, мајката и тетката го земаат дома на неколку дена.

Како што вели самата уметница, Лука целосно се приспособил на новата средина, послушен е и знае дека, и покрај престојот таму, неговото семејство секогаш е покрај него.

Маја Оџаклиевска за внукот со аутизам: „Имаше фази кога беше агресивен, но јас си го прегрнував и му велев дека го сакам“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот