На 14 години ја загуби мајка си, а на 18 стана член на „Битлси“ — животната приказна на врвниот Пол Макартни
Кога денес ќе се спомне името Пол Макартни, тешко е да се најде човек кој никогаш не чул за него и неговата работа. „Yesterday“, „Hey Jude“, „Let It Be“, „Live and Let Die“ се само мал дел од музичкото наследство што овој музичар го создаде во својата шестдецениска кариера.
Препорачано
Но, пред светската слава и милионските тиражи, постоело обично момче од Ливерпул кое сонувало да создава музика. Токму тоа момче, родено на 18 јуни 1942 година, подоцна ќе стане еден од највлијателните музичари во историјата на современата музика.
Најзначајната средба
Детството на Пол не било без болка. Кога имал само 14 години ја изгубил мајка си Мери, која починала од рак. Токму оваа трагедија подоцна станала една од точките што го зближила со Џон Ленон, кој исто така рано ја изгубил својата мајка.
Во летото 1957 година, на една црковна прослава во Ливерпул, Пол го запознал Џон Ленон. Тогаш Ленон настапувал со својот состав „Кверимен“, а Макартни го импресионирал со своето свирење и познавањето на музиката. Набргу станал дел од групата, а малку подоцна им се придружил и Џорџ Харисон.

Никој не можел да претпостави дека токму таа средба ќе го означи почетокот на највлијателната музичка група во историјата – „Битлси“, која се формирала во 1960 година.
Во текот на шеесетите години, Макартни и Ленон создадоа авторско партнерство кое засекогаш ја промени популарната музика. Од „She Loves You“ и „I Want to Hold Your Hand“ до „Hey Jude“, „Let It Be“ и „Yesterday“, нивните песни станаа химни на една епоха.
Особено „Yesterday“, песна што Макартни ја напишал како млад човек, денес се смета за една од најизведуваните композиции ширум светот.
Од „Битлси“ до нов почеток
Кога „Битлси“ се распаднаа во 1970 година, многумина мислеа дека магијата е завршена. Но, за Пол Макартни тоа беше почеток на ново поглавје.
Заедно со сопругата Линда Макартни ја формира групата „Вингс“, која во текот на 1970-тите прерасна во еден од најуспешните рок-состави во светот. Хитовите „Band on the Run“, „Live and Let Die“, „My Love“ и „Mull of Kintyre“ покажаа дека неговата креативна сила не исчезнала со крајот на „Битлси“.

Во годините што следуваа, Макартни изгради богата соло кариера и соработуваше со големи музички имиња како Стиви Вондер и Мајкл Џексон. Песните „Ebony and Ivory“, „Say Say Say“ и „Coming Up“ повторно го искачија на врвот на светските топ-листи.
Покрај рокот и поп-музиката, тој се обиде и во класичната музика, филмската музика, литературата и сликарството, докажувајќи дека неговата креативност нема граници.
Никогаш не престана да создава
Она што го издвојува Пол Макартни од многу негови современици е неговата неверојатна способност да остане релевантен повеќе од шест децении.
Добитник е на 19 Греми награди, двапати е примен во Куќата на славните на рокенролот, а во 1997 година британската кралица му ја додели титулата витез за заслуги во музиката. Денес светот го познава како Сер Пол Макартни.
И покрај огромната слава, тој никогаш не ја изгуби врската со своите корени. Често зборува за Ливерпул, за семејството и за луѓето кои го обликувале како личност. Неговата љубов кон музиката останува непроменета и денес, кога и понатаму снима нови песни и настапува пред десетици илјади обожаватели.
Пол Макартни најави нов албум, со кој се навраќа на детството во Ливерпул


