Илустративна фотографија за вакцина / Фото: Pexels

Револуционерни резултати — смртноста од рак на грлото на матката падна на нула кај вакцинираните млади жени

Смртноста од рак на грлото на матката кај младите жени кои примиле вакцина против хуманиот папилома вирус (ХПВ) паднала на нула, покажува ново истражување спроведено во Англија, пишува „Телеграф“.

Според резултатите, ниту една жена на возраст од 20 до 24 години која била вакцинирана против ХПВ не починала од рак на грлото на матката во периодот од 2020 до 2024 година.

Истражувачите проценуваат дека без вакцината би се очекувале околу 23 смртни случаи во оваа возрасна група. Ова е првпат да не биде регистриран ниту еден смртен случај од оваа болест кај жените на возраст од 20 до 24 години.

Студијата, финансирана од британската организација за истражување на ракот „Кенсер рисрч Ју-Кеј“ и предводена од Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон, покажала дека вакцината досега спасила приближно 200 животи во Англија.

Вакцината против ХПВ беше воведена за девојчиња во 2008 година, а за момчиња во 2019 година. Редовно им се нуди на деца на возраст од 12 до 13 години.

Истражувањето, објавено во медицинското списание „Лансет“, покажало и дека во периодот од 2015 до 2019 година смртноста од рак на грлото на матката кај жените на возраст од 20 до 24 години се намалила за 80 проценти.

ХПВ претставува група вируси кои најчесто се пренесуваат преку сексуален контакт и често не предизвикуваат никакви симптоми. Познато е дека околу 13 високоризични типови на вирусот се одговорни за 99,7 проценти од случаите на рак на грлото на матката.

Освен од оваа болест, вакцината штити и од генитални брадавици, како и од одредени видови рак на главата и вратот, вклучително и рак на устата и грлото.

И покрај охрабрувачките резултати, експертите предупредуваат дека стапката на вакцинација во последните години опаѓа. Во Англија, во учебната 2024/2025 година, вакцинирани биле 71,7 проценти од девојчињата и 67 проценти од момчињата на возраст од 12 до 13 години.

Овие бројки остануваат под целта на Светската здравствена организација, која предвидува опфат од 90 проценти кај девојчињата.

Извршната директорка на „Кенсер рисрч Ју-Кеј“, Мишел Мичел, изјави дека ова е првпат да се добијат докази дека вакцината не само што го спречува ракот на грлото на матката, туку и директно спасува животи.

„Благодарение на вакцинацијата против ХПВ и редовните скрининзи, иднината во која речиси никој нема да заболува од рак на грлото на матката веќе е на дофат“, истакна таа.

Главниот автор на студијата, професорот Питер Сасиени од Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон, рече дека вакцината досега спречила смрт на речиси 200 млади жени во Англија, но дека тоа е само почеток.

„Како што вакцинираните генерации ќе стареат, ќе гледаме уште повеќе спасени животи од рак на грлото на матката“, нагласи тој.

Од Националната здравствена служба на Англија посочија дека, заедно со редовните гинеколошки прегледи, вакцинацијата против ХПВ е клучна за остварување на амбициозната цел – целосно елиминирање на ракот на грлото на матката до 2040 година.

„Станува збор за безбедна и ефикасна вакцина и ги охрабруваме сите што имаат право на неа да ја примат кога ќе бидат повикани“, порачаа од службата.

Како можете да „закачите“ сексуално преносливи болести и ако не сте имале секс со месеци?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот