Девојка има болки во стомакот/Фото: Chris Rout / Alamy / Profimedia

Не е само гинеколошки проблем — состојбата позната како синдром на полицистични јајчници доби ново име

Пред околу еден век, хирурзите кои оперирале жена забележале нешто што изгледало како мали ќесички на нејзините јајчници. Мислеле дека тоа можеби е некаков вид циста, па, кога ја именувале нејзината состојба, а имала и високо ниво на машки хормони и не можела да забремени, тоа го нарекле „синдром на полицистични јајчници“ (PCOS).

Тоа тогаш имало смисла. Но, она што тие лекари не можеле да го знаат е дека репродуктивните проблеми на жената биле само еден симптом на многу пошироко ендокрино нарушување, за кое голем број истражувања во текот на минатиот век утврдиле дека влијае, меѓу другото, на метаболизмот, кардиоваскуларниот систем и на здравјето на кожата. Научниците, всушност, откриле дека луѓето со PCOS имаат многу поголема стапка на дијабетес тип 2 и поголема стапка на срцеви болести, пишува „Тајм“.

Но, тие цисти продолжиле да го попречуваат разбирањето на вистинската природа на болеста.

– Тоа, всушност, воопшто не биле вистински цисти – рекла Хелена Тид, ендокринолог и професор по женско здравје на Универзитетот Монаш во Австралија.

Тие ќесички биле јајце-клетки чиј развој бил запрен, како последица на пошироко ендокрино нарушување. Во најновите упатства за дијагностицирање на ова нарушување, прегледот на јајчниците дури и не е нужно потребен.

Сепак, останало вкоренетото разбирање дека ова е болест на јајчниците. На 12 мај, во списанието „Лансет“ е објавен труд со резултатите од иницијативата за промена на името на нарушувањето, која трае повеќе од 10 години и која предводи Тид: PCOS сега се нарекува „полиендокрин метаболички оваријален синдром“ или PMOS. Поддржувачите на промената велат дека таа ќе отвори врата за поголемо финансирање за истражување на ова нарушување, како и дека ќе ја направи неговата вистинска природа појасна за пациентите и лекарите, бидејќи таканаречените цисти долго време биле извор на забуна.

Зошто е важна промената на називот од PCOS во PMOS?

Разбирањето на ова нарушување меѓу научниците се променило, но разбирањето кај пациентите и лекарите заостанува, вели Рејчел Морман, претседателка на добротворната организација за PCOS Verity UK и самата пациентка со таа состојба.

– Сè уште имаше многу, многу голем број жени со оваа состојба кои веруваа дека имаат цисти на јајчниците, и, загрижувачки, огромен број експерти кои исто така веруваа во тоа – рекла таа, пренесува „Тајм“.

Оваа конфузија може да значи дека пациентите имаат тешкотии да бидат сфатени сериозно и да добијат соодветна нега.

– Не постои ниту една друга состојба што ја лекувам каде што речиси секоја личност што ќе влезе во мојата ординација завршува плачејќи затоа што некој ја сослуша. Имам кутии со марамчиња. Ако прашате кој било ендокринолог, ќе го каже истото. Кога некој ќе ги сослуша, кога ќе добијат дијагноза, кога ќе разберат што е тоа, тоа е огромно олеснување – рекла Тид.

На состанокот на Националните институти за здравје во 2012 година, клиничарите и истражувачите разговарале за промената на називот. Во годините потоа, илјадници пациенти биле анкетирани, а коалиција од лекари и пациенти од целиот свет дебатирала дали е потребно ново име и, ако е така, какво  треба да биде.

Одговорот од анкетите на пациентите бил недвосмислен – да се промени. Новото име, „полиендокрин метаболен оваријален синдром“, има за цел да го претстави ова нарушување како сложен хормонален дисбаланс што влијае на метаболизмот, како и на репродукцијата.

Како новото име ќе го промени начинот на лекување на PMOS?

– Се надеваме дека ќе ја промени практиката – рекла д-р Мелани Кри, педијатриски ендокринолог и професор на Универзитетот Колорадо Аншуц, која беше вклучена во промената на назив.

Фокусот често бил на плодноста и репродукцијата, на штета на другите последици од нарушувањето.

– Повеќето жени не добиваат соодветни метаболички прегледи – рекла таа.

Ова значи дека сериозните здравствени проблеми можат да останат незабележани, понекогаш и со години.

На пример, кај адолесценти со PMOS, „кардиоваскуларните болести започнуваат многу рано“, рекла Кри. Но, кога на тинејџерите ќе им се постави дијагноза, иако може да им се понудат контрацептивни таблети за ублажување на симптомите, понекогаш „воопшто нема разговор за метаболичките состојби, ниту се прават прегледи за метаболичките нарушувања“. Ова подоцна може да има сериозни здравствени последици.

Гледањето на PMOS како метаболичко нарушување може да значи примена на терапии како што се лековите GLP-1 кај овие пациенти, што претставува спротивност на досегашните опции на лекување кои генерално биле фокусирани на репродуктивното здравје, рекла Кри.

Тоа исто така значи дека финансирањето за студии за нарушувања и терапии повеќе нема да биде ограничено на извори фокусирани на здравјето на јајчниците, рекла Тид.

– Иако погодува 170 милиони жени во репродуктивна возраст и иако здравствениот и економскиот товар е огромен, речиси и да нема инвестиции во истражување. Различната категоризација значи дека ќе добиеме повеќе докази за тоа како да го лекуваме – рекла д-р Тид.

Како се дијагностицира PMOS?

Според најновите критериуми, PMOS се дијагностицира ако пациентката исполнува два од трите критериуми:

1. вишок на машки хормони наречени андрогени

2. нередовни менструални циклуси

3. високо ниво на анти-Милеровиот хормон (AMH) во крвта или јајчници со многу запрени фоликули кои се гледаат на ултразвукот.

– На 60 отсто жени со оваа состојба им требаат само тие први два критериуми, не е потребно никакво испитување на јајчниците. За другите 30 до 40 отсто, може да се направи или тест на крвта или ултразвук, а може да се каже дека анализата на крвта е, всушност поевтин и многу попрактичен од интерниот ултразвук –  рекла д-р Тид.

Таа очекува дека во иднина бројот на ултразвучни прегледи на кои се подложуваат пациентките со оваа состојба ќе се намали.

Во текот на следните три години, новото име би требало постепено да се прошири низ медицинската и научната заедница, што ќе кулминира со замена на PCOS со PMOS во Меѓународната класификација на болести во 2028 година.

Коалицијата очекува одреден отпор, особено од компаниите и инфлуенсерите поврзани со брендот PCOS.

Засега, тимот се радува за својот триумф.

– Сите ендокринолози се многу возбудени – рекла Кри за „Тајм“.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Божиновска Димова: Со неплодност се борат сѐ повеќе жени поради полицистични јајници

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот